Избори 2016: Дијаспора, набљудувачи, кредибилност...

Со вчерашното гласање на членовите на избирачките одбори кои в недела ќе го спроведуваат гласањето во 46 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Македонија во Европа, Австралија и Северна Америка, започнаа предвремените парламентарни Избори 2016.

Вчера во Државната изборна комисија - право на глас имаа 325 членови на избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии. Државната изборна комисија не излезе со официјални податоци за тоа колку ќе чини гласањето во дијаспората, зашто сé уште не биле пресметани сите авионски билети и дневниците на членовите на избирачките одбори кои треба да го спроведат гласањето во ДКП, како и цените за багажот (избирачките материјали), но секако ќе се работи за милионска сума изразена во евра.

На посебниот Избирачки список се запишани се 230.122 лица кои се смета дека се на привремена работа во странство, но за гласање во дијаспората се регистрирани 20.573 граѓани, најмногу во Берн - 4.256, Венеција - 2.724, Детроит - 1.170, Њујорк - 1.168 и во Мелбурн -1.112.

Покрај дијаспората, во сабота на 10-ти декември ќе гласаат внатрешно раселените лица, осудениците, војската, болни и немоќни лица.

Изборите во недела ќе ги следат домашни набљудувачи (300 набљудувачи од ЦИВИЛ-Центар за слобода) и меѓународни набљудувачи, од кои се најбројни оние од ОБСЕ/ОДИХР, која има акредитирано 280 набљудувачи и 230 преведувачи.

Од утре до 12-ти декември, во посета на Македонија ќе биде и седумнаесетчлена делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа, за да го набљудува спроведувањето на предвремените парламентарни избори, заедно со набљудувачи од Парламентарното собрание на ОБСЕ, од Европскиот парламент и од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР). Членовите на делегацијата на чие чело е членот на ПССЕ од Австрија Штефан Шенах, ќе се сретнат со лидери и претставници на политичките партии, со претседателот на ДИК и со Специјалната обвинителка, со претставници на меѓународни организации, на граѓанското општество и на медиумите.

По исчезнувањето на дел од печатите, ДИК донесе одлука со која се ставени вон употреба печатите за избирачките места за гласање во Република Македонија и во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија во странство, кои се користеле за време на претходните изборни циклуси.

За обезбедување кредибилност на изборниот процес воведени се и фотографии на граѓаните со право на глас во Избирачкиот список, а повторно ќе се употребува безбојниот спреј, видлив само под УВ ламба. По доаѓањето на избирачкото место, на граѓанинот најнапред му се проверува десниот палец со УВ ламба за да се види дали има траги од спреј, потоа се прави проверка на документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Откако член на избирачкиот одбор ќе му издаде гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат, пред да се упати кон параванот за гласање, избирачот се прска со безбоен спреј.

Право на глас има секое лице запишано во изводот од Избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош.

Ако членовите на избирачкиот одбор  утврдат дека избирачот го нема во изводите од Избирачкиот список, должни се да го упатат во надлежното подрачно одделение на ДИК, за на интернет страницата https://izbirackispisok.gov.mk, да се провери дали тој е запишан во Избирачкиот список и ако е запишан, во кое избирачко место може да гласа.