Хаос и во списоците за гласање во странство!

Хаваријата во Избирачкиот список на граѓаните кои ќе гласаат во Македонија, за жал, е „заразна„ и присутна и на списоците за гласање во дијаспората, на кои се регистрирани 20.573 граѓани, кои ќе гласаат утре, во 46-те дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Македонија во Европа, Австралија и Северна Америка.

Македонски граѓани кои се на студии или на работа во странство, реагираа до ЦИВИЛ за нивните голготи во обидите да го остварат правото на глас! Од друга страна, остануваат сомнежот и обвинувањето на Синдикатот на македонската дипломатија, дека и дел од македонските дипломати ја злоупотребиле својата положба за партиска пропаганда на власта!

Студентот на универзитетот „Адам Мицкјевич” во Познањ во Полска, прилепчанецот Звонко Димоски реагираше до ЦИВИЛ за проблемите со„шетањето„ на неговото име по списоците во Познањ и во Прилеп, за што го известил и Народниот правобранител. Но, од македонската амбасада во Варшава и од ДИК не добил никаков одговор.

„Знаејќи дека нема да бидам за време на изборите во Македонија, уредно и навремено се регистирав за гласање во странство. Државната изборна комисија, на 5-ти мај ми испрати електронска порака со следнава содржина: ‘Почитувани, Ве информираме дека успешно ја пополнивте пријавата за гласање во странство. За статусот на Вашата пријава дополнително ќе бидете известени. Со почит, Државна изборна комисија’. Не ме известија за статусот, но неколку дена подоцна, сам го проверив и веќе бев префрлен како гласач во македонската амбасада во Варшава. Се сетив да проверам повторно пред три дена, и наместо во Варшава, повторно ме вратиле на списокот на гласачи во Прилеп?! Во Варшава, каде што требаше да гласам, нормално не постојам! Им пишав порака, барајќи објаснување и притоа, ја додадов нивната порака за мојата потврдена пријава од нивна страна. Засега, нема никаков одговор“.

Слично е искуството и на Александар Николов кој во реакцијата до ЦИВИЛ, пишува: „Пријавен сум да гласам во дијаспората, во Лондон, и мојата пријавена беше уредно поднесена по електронски пат и истата беше прифатена. Сепак, кога повторно деновиве проверив во електронскиот избирачки список, повеќе не сум таму, иако фигурирав до пред две недели. Имам потврда дека моето избирачко право можам да го остварам во конзуларното претставништво во Лондон, на 10 декември 2016, и јас, во секој случај, ќе бидам на гласачкото место во сабота. Иако не знам дали сум сé уште на Избирачкиот список“.

 

Покрај ваквите случаи на поединци-жртви на хаосот во ДИК, и покрај објавените реакции на иселениците за злоупотреба на нивните лични податоци, до ЦИВИЛ стигнаа и информации дека е забележана масовна појава на пријавување на иселеници од иста и-мејл адреса! Иако, според ДИК, како што веќе беше објавено во одделни медиуми, нема ништо незаконско во тоа што илјадници гласачи се пријавувале на тој начин, па дури и од иста и-мејл адреса на дипломатско-конзуларни претставништва, зачудувачки се крајно сомнителните примери. Според австралискиот портал falanga.com.au, „од сите држави, најскандалозни се бројките од Австралија. Дури 913 гласачи се пријавиле за гласање од и-мејл адресата на конзулатот во Мелбурн, а 523 гласачи од и-мејл адресата од амбасадата од Канбера! Иако се знае фактот дека гласачкото тело од Австралија се претежно пензионери, кои речиси 100 отсто немаат и-мејл адреса, многу е чуден фактот што кај сите нив е достапна само адресата од претставништвата на Мелбурн и Канбера. Од наши извори, дознаваме дека од Перт се пријавени над 300 гласачи од кои најверојатно само мал дел ќе дојдат на гласање во Мелбурн“, пишува австралискиот портал на македонски јазик.

Министерството за надворешни работи не се изјасни дали македонските дипломати ја злоупотребиле положбата и вршеле групно пријавување, иако и Синдикатот на македонската дипломатија реагираше со соопштение наведувајќи пример на „злоупотреба на македонската амбасада во Париз и на нејзиниот персонал за партиски, предизборни цели и активности“ и побара да се утврди соодветната одговорност за случајот во кој државен службеник бил испратен од Македонија во партиска функција, за ширење на партиска пропаганда!