Република Македонија мина низ тежок и тензичен, иако ненасилен изборен процес.
Над 650 извештаи во кои се нотира најмалку една категорија на изборни нерегуларности пристигнаа од набљудувачите на ЦИВИЛ од теренот.
Телефонските повици од граѓанки и граѓани ја надминаа бројката од 1.000, а исто толку пораки пристигнаа преку социјалните мрежи и шесте мобилни телефонски линии кои беа отворени во текот на изборниот ден.
Ден потоа, ЦИВИЛ – Центар за слобода констатира дека изборниот процес во целост, беше исполнет со голем број сериозни нерегуларности.
Катастрофалната состојба на Избирачкиот список оневозможи голем број граѓанки и граѓани да го остварат своето гласачко право. Фантоми и починати лица гласаа, а живи луѓе не можеа да гласаат. Државната изборна комисија (ДИК) не успеа да им го овозможи правото на глас на сите граѓанки и граѓани со право на глас. Одговорните за оваа состојба мора да се соочат со последиците од хаваријата на Избирачкиот список и кршењето на правото на глас.
Изборниот процес и денот на изборите протекоа мирно и без насилства, иако во тензична атмосфера, исполнети со бројни и сериозни нерегуларности.
ЦИВИЛ нотира огромни притисоци, уцени, полнење на кутии, семејно и групно гласање, злоупотреба на малолетници и поткуп на гласачи во сите краишта на земјата.
Вработените во институциите на државата грубо го кршеа изборниот молк непрекинато, поточно, тој како и да не постоеше.
Гласањето на болните и изнемоштените беше проследено со низа нерегуларности.
Голем број Избирачки одбори (ИО) беа крајно непрофесионални и често се однесуваа неетички, а еден дел немал доволно информации за тоа што треба да прават на Избирачкото место.
Дел од извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ говорат за случаи на партиско делување на одделни членови на ИО. Понатаму, нотирани се случаи во кои членови на ИО им сугерирале на гласачите за кого да гласаат. Нотирано е и дека партиските набљудувачи го заземале местото на членови на ИО и ги проверувале изводите од Избирачките списоци со цел да утврдат кој гласал, а кој не. Дел од ИО ги информирале партиските штабови за излезноста на нивните членови, а некои вршеле агитација и притисок врз гласачкото тело од самите Избирачки места.
При броењето на гласовите, за неважечките ливчиња се прогласувани и такви каде што јасно се гледа волјата на гласачите.
Оружено насилство на денот на гласањето не се нотира во ниту еден извештај од теренот.
Врз основа на првичните анализи, ЦИВИЛ јавно ги упатува следните препораки и барања до ДИК и другите надлежни институции:
- Повторно, целосно пребројување на гласовите;
- ДИК да овозможи увид во пребројувањето на гласовите и избирачкиот материјал на заинтересираните домашни и странски набљудувачи;
- Прегласување во Избирачките места во кои е забележано сериозно кршење на гласачкото право и изборните процедури;
- Членовите на Избирачките одбори за кои ќе се утврди дека непрофесионално и неетички ја извршиле задачата или имале конфликт на интереси, да го изгубат правото да бидат избирани на таа позиција во наредниот изборен процес;
- Мора да се спроведе итна анализа и истрага за работата на ДИК и нејзините тела, како и итни реформи на оваа институција.
Аналитичкиот тим на ЦИВИЛ продолжува со обработка на извештаите од теренот и веќе на 13 декември ќе објави повеќе детали од своите сознанија.