Судијката Михајлова не дозволи докази од „бомбите“ против Груевски и Јанакиески!

На денешното подготвително рочиште на процесот за „Случајот ТНТ“, во кој се обвинети Никола Груевски, Миле Јанакиески и уште 12 лица, за насилството во Општина Центар, судијката Татјана Михајлова не ги прифати доказите што произлегуваат од „бомбите“, со образложение дека доказите што произлегуваат од незаконско прислушуваните комуникации не се законски обезбедени!

Судијката Михајлова, која на пошироката јавност ѝ е позната по определувањето притвор на новинарот Томислав Кежаровски, денес ја закажа главната расправа во „Случајот ТНТ“, кога исказ треба да дадат обвинетите, за 20-ти февруари, поради нејзиното двомесечно патување во странство. Иако СЈО побара закажување на главната расправа во поблизок термин, судијката потенцираше дека била зафатена и дека го закажува судењето во слободен термин.

Во случајот што СЈО го отвори на 15-ти септември, за насилството во Општина Центар, обвинети се Никола Груевски и Миле Јанакиевски. Според СЈО, првообвинетиот Груевски побарал, а Јанакиески прифатил, партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, да извршат грубо насилство врз градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски и врз членови на Советот на Општината

За време на денешното рочиште, судијката Михајлова влегуваше во вербални дуели, три пати ја опомена и ѝ се закани на Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, дека ќе биде отстранета од судницата, заради иронично однесување  и „правење гримаси“.