Вработените во „Нена фешн“ си ги бараат неисплатените плати!

Четириесетина вработени во штипската конфенкција „Нена Фешн“ бараат исплата на заостанатите плати и придонеси, пишува Грин ЦИВИЛ. Тврдат дека од октомври не зеле ниту денар и дека неколку месеци не им се исплаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Ја повикуваат Трудовата инспекција да изврши контрола во конфекцијата.

nena-feshn

„Работиме во тешки услови. Смрзнуваме на работа. Плата нема, а нема ни осигурување за здравство. Тоа ни е многу важно. Никој не може да се лекува. Откако работиме во конфекцијата, истите проблеми продолжуваат. Без притисоци, едноставно, не можеме да дојдеме до плата. Ќе ни исплатат, и пак, по старо, иста приказна. Затоа, бројот  на вработени во оваа година ипол од отворањето се преполови“, реагираат конфекционерите.

Од граѓанското здружение „Гласно“ од Штип им нудат бесплатна правна помош.

„Вработените ги упативме да реагираат до надлежните инспекциски служби. Тие се обратија до Tрудоваta инспекција, УЈП и полицијаta. Реагираа, но од понеделникот, нема мерки на повидок. Ќе чекаат како што им ветиле до петок, да им се исплати плата. Но, ако не ги добијат парите, ќе протестираат“, вели Горан Трајков, претставник на „Гласно“.

Грин ЦИВИЛ се обиде да го контактира и сопственикот и управител на „Нена Фешн“, Метин Косеоглу, но тој не одговори на телефонските повици.

Според Трајков, во Штип функционираат стотина конфекции во кои се вработени околу 7.000 граѓан(к)и. Конфекционерите, и покрај огромните проблеми, не се организирани во основни синдикални организации.

„Во втората половина на годинава се детектирани прекршувања на Законот за работни односи, во просек по 94 прекршоци по работник, во сите конфекции. Текстилците доааѓаат секојдневно и се жалат на низа проблеми, неисплатени плати… Работодавачите им поставуваат високи норми, коишто не можат да ги остварат, не одговараат ниту на способностите на работниците, ниту на условите во фирмите“, тврди Трајков, од „Гласно“.

Тој додава дека надоместоците за минат труд, за прекувремена работа, за болничко лекување…, не се плаќаат. Работниците се казнувани и по 2.000 денари, за отсуство од работа и во случаи, кога тие ги носат своите деца на лекар.

„За работодавачите нема никакво оправдување! Им даваат бланко листови што се принудени да ги потпишат, така што, вработените без да знаат се откажуваат од низа законски права“, вели Трајков, повикувајќи ја Трудовата инспекција да ги засили контролите во штипските конфекции.

Моника Талеска

Оваа вест е достапна и на: Albanian