Избори 2016: МКЦР нуди исцелување на Македонија „синергетски водено од главните раководители на државата“!?

За Македонскиот центар за култура и развој (МКЦР), изборите во неделата биле „празник на демократијата, спроведени без ниеден инцидент, на сите избирачки места, во сите градови и села на Република Македонија“, а тоа, според оваа НВО, „зборува за созревањето на целата нација“ и го „потврдува развојот на Република Македонија како Изборна Демократија“!? Човек не може, а да не се запраша: Кои избори ги следела и ги оценува МКЦР?

Невладината организација Македонски центар за култура и развој (МКЦР), како реализатор на долгорочниот проект „Превенција за време на избори“, денес објави „Оценка за парламентарните избори 2016 и патоказ кон иднината“, која ја потпишува претседателот на организацијата, Нелко Нелковски, како раководител на проектот.

Секоја организација која ги следела изборите на 11-ти декември 2016, има право и обврска да објави извештај за мониторингот.

Но, МКЦР својата „Оценка...“, ја почнува со изразување пофалба „до сите вклучени институции во спроведување на парламентарните избори 2016 година; политичките партии, Владата и премиерот за спроведување на изборите(!?), Министерството и министерот за внатрешни работи и Државната изборна комисија. Овде спаѓаат, сите членови на политичките партии, вкупниот состав на полицијата, сите членови на избирачките одбори и Општински изборни комисии и сите граѓани на Република Македонија“!

Без пофалба од МКЦР, останаа само „фантомите“, „исчезнатите“ граѓани, патниците во „бугарскиот воз“, оние кои се закануваа, вршеа притисоци и ширеа страв...

За МКЦР, изборите биле „празник на демократијата, спроведени без ниеден инцидент, на сите избирачки места, во сите градови и села на Република Македонија. Ова зборува за созревањето на целата нација и со ова се потврдува развојот на Република Македонија како Изборна Демократија“.

Човек не може, а да не се запраша: Кои избори ги следела МКЦР? И каде?

freedom-of-press-500x292

Но, нема крај на ентузијазмот на МКЦР. Во истиот оптимистички дух, МКЦР очекува и прегласувањето на избирачкото место во Теарце, во недела, на 25 декември, „да помине во мирна, демократска и фер атмосфера со што официјално ќе заврши изборниот процес“. Оптимизмот на оваа НВО е немерлив, ама „анализата“ е уште поилустративна, за начинот на кој, за жал, делуваат одделни организации кои се претставуваат како дел од граѓанскиот сектор.

Според МКЦР, „двегодишната политичка криза во Република Македонија и резултатот од изборите, покажуваат длабока поделеност во општеството и по национална и по идеолошка определба на граѓаните. Ваквата поделеност резултира со подеднакво поделени мандати и на досегашната власт и на досегашната опозиција, создавајќи жаргонски кажано ‘пата-пата’ ситуација, која некој ја дефинираат како ‘ќорсокак’“!

И, ајде што „анализира“, ама МКЦР и констатира дека „ваквата ситуација е генерирана од повеќедецениски повторувани грешки во градењето на вкупниот општествен систем на нашата земја“, па дури, дава и предлози за „исцелување на вкупното општество од сите негативни причини“ и предлага „овој процес да биде синергетски,  воден од главните раководители на државата“.

А, меѓу сериозните чекори кои ги предлага МКЦР, се и „воведување на ‘стандарди“ за организација на општеството кои се општоприфатени во најуспешните и најсреќните држави во светот“.

Сериозно, ами како!

proslava-pred-palata1

Откако, сериозно ќе констатира и дека „граѓаните на нашата земја имаат извонредно голема сила, и таа сила треба да биде ‘ослободена’ и искористена на најдобар можен начин“, МЦКР ги охрабрува „раководителите на клучните политички субјекти во земјата да ги надминат своите суети и да отворат сериозни, суштински, продуктивни и фер разговори кои ќе резултираат со формирање на стабилна Влада која ќе направи суштинско подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, ќе создаде атмосфера на мир, општествен ентузијазам, пријателство, другарство и одржлив развој“.

Констатирајќи дека „Република Македонија е извонредно богата земја, со драгоцена историја и вонредни природни ресурси“, МКЦР, ја завршува „Оценката...“, со паролата: „Човечките вредности, пред сé и над сé!“

Да не е тажно, би било смешно...

Оваа вест е достапна и на: English