Кежаровски: Многумина си заминаа оти им ја украдоа иднината!

Во 2016-та многумина си заминаа. Со спомените. Им ја украдоа иднината. Им го одзедоа зборот. Ги протераа. Затоа не ја сакам...

 

Томислав Кежаровски

Пишува: Томислав Кежаровски

2016-та... 2016-та беше, и да не се повтори. Не ја сакам, затоа што таа беше уште една од низата на владеењето на „Фамилијата“. Беше година на воспоставениот тоталитарен режим, година на оние кои не поделија на „наши“ и „ваши“ и на „патриоти“ и „предавници“, а поделбата е официјализирана, институционализирана во сите јавни настапи на системот на пропаганда и систематски се спроведува за да служи на нивните примитивни пориви: омраза на сé што е подобро и попаметно, а заради нивно владеење и криминално богатење.

Не ја сакам затоа што кај и да се свртиш е резил невиден, да пропадне човек во земја од срам. Се разбира, ако има образ, домашно воспитување и ако вистински си ја сака татковината и е загрижен за иднината на своите деца и поколенија.

Во 2016-та многумина си заминаа. Си заминаа со спомените. Им ја украдоа иднината. Им го одзедоа зборот. Ги протераа. Затоа не ја сакам.

Мислев дека во 2016-та нешто ќе се смени, ама не, не се смени ништо. Не велам дека се удри врз слободата, туку дека се продолжи со удирањето врз слободата како универзална вредност воопшто и особено врз слободата на изразувањето, врз демократијата и уставниот поредок. Во Македонија не постои слободата на изразување и правото на поинакво мислење. Не ти даваат право да мислиш со своја глава. Не постојат за нив нијанси, или си црно или си бело. Повикуваа на линч за оние што можат да расудуваат и да донесат своја оценка. Ќе бидеш највулгарно прозиван, дури прогласен и за антидржавен елемент ако твоето мислење се коси со она на власта. Кај луѓето постои френетична параноја и чувство на безнадежност и неминовна пропаст, со заплет што води кон апсолутно, неизбежен крај.

Тешко е, знам, да се разбере сето лудило што ѝ се случи на Македонија. Ама, уште потешко е да се објасни.

Не, не ја сакам 2016-та. Оти во неа не се направи нешто корисно. Се скандал до скандал, афера до афера...

Што сакам во 2017-та!?

Во „Дедото од Лапонија“ одамна престанав да верувам. А, и како да му верува човек, кога не е оттука, од Македонија. Секоја „дружба“ со него може лошо да се одрази по вас, како демек, соработка со странски служби.

Сега верувам во поинакви работи.

Сакам работи што се врвни вредности во секоја демократија

Сакам една желба да ми се исполни...

Ете, се согласувам, дури не мора да е мојата желба... Нека биде тоа што ќе посака Специјалното Јавно обвинителство.

(Авторот е новинар)