Уште трае „Скопје 2014“, уште трае задолжувањето, уште трае фашизмот, ништо различно од претходните години. Значи, уште сме во минатото, колку и да е нова Новата година. Се нижат бројки, а ние стоиме заглавени во туѓи окови и желби.
A пред мене, младост. И зад мене, исто. И се прашувам дали сакам да ја „потрошам” на исти борби, заборавајќи на своита соништа и ставајќи ја улицата на прво место. Се трудам да бидам секаде. Се трудам да се борам за правда, да си исполнувам желби, да шетам по светот, да не заборавам каде ми се корените, да не заборавам на себе и на силата која не смеам да ја компромитирам, на својот глас, на тоа што треба да го извадам од себе, да го исплукам и да не му давам простор повеќе да ме мачи и да расте.
Се трудев да бидам верна на театарот. На уметноста во мене, пред сé.
Оваа година беше борба за живот, за преживување. Не смрт, туку преживување. Затоа што, и покрај смртта која беше доминантна, ние повеќе преживувавме, а тоа е болката. Во преживувањето. Таму е тагата, којашто отпосле, беше извикана на улица, низ бои и луѓе, низ грла желни за слобода.
Борба за себе, борба за нас, за ти и јас, за нив, за половина од светот што го знаеш и другата половина што ја сонуваш.
Едноставно, борба. Мавање клоца за мотивација, пуштање ветер во грб, сонце на образи... Сé, само да се дојде до слобода, што и да значи таа, на крајот. На кој ли крај? На оној каде веќе агонијата станува лудница, а луѓето снеможени од постојано тапкање во место. На тој крај.
Оваа година уште повеќе научив што значи одговорност, солидарност, хуманост и на крајот, грижа за себе. Без ова - тешко, со ова - некогаш пердув лесно. Некогаш уште потешко од тешкото.
Во 2017-та си посакувам нов дом, некаде во светот, многу уметност, љубов и повеќе спокој и безгрижност. Највеќе здравје.
А, на другите, им посакувам тоа што си посакуваат.
(Авторката е режисерка)