На прес конференцијата на ЦИВИЛ, која се одржа пред почетокот на панел дискусијата „Обезглавена Македонија“, претставниците на ЦИВИЛ, Џабир Дерала и Синиша Станковиќ ги претставија активностите во текот на наредните четири недели.
Финален извештај од изборното набљудување
ЦИВИЛ, како и секогаш, ќе го објави финалниот извештај од изборното набљудување во рекорден рок, пред истекот на месец јануари. Вообичаено, тоа е извештај кој без дипломатски ракавици и без трошка пристрасност и стеснување, ќе ги содржи сите факти за изборните нерегуларности и ќе донесе низа длабински анализи на целиот изборен процес. Во спроведувањето на мониторингот, посебно ја истакнуваме соработката со ГОНГ од Република Хрватска, чии експерти и набљудувачи беа дел од нашата екипа која брои 300 луѓе. ЦИВИЛ ги поддржа и соработуваше со низа меѓународни организации и набљудувачки мисии во текот на изборниот процес, почнувајќи од мисијата на ОДИХР, но и со мисиите на AEGEE, SILBO, DiploCat, IESC во чии рамки беа набљудувачи и на руската Голос, како и низа други организации. Поддршка: Германски средства од Пактот за стабилност на ЈИЕ и Амбасадата на САД во Скопје.
Караван на слободата
ЦИВИЛ ќе организира и мултимедијален настан по повод промоцијата на документарниот филм за Караванот на слободата, проект кој започна од јули 2016 година и кој обедини преку 400 уметници, интелектуалци и активисти кои говорат и творат за слободата. Поддршка: УСАИД.
Граѓански објектив
ЦИВИЛ ќе продолжи со доделување на наградите за граѓанско новинарство, како и со семинари за граѓански новинарки и новинари кои ги разоткриваат злоупотребите и кршењето на човековите права и слободи во земјата. Поддршка: National Endowment for Democracy.
Граѓанско општество
ЦИВИЛ, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел ќе одржи панел дискусија и промоција на списанието „Стеснување на просторот“ посветено на растечките притисоци, опструкции и ограничувања за граѓанско делување кои ги поставуваат центрите на моќта во општествата во регионот.
Мониторинг на локалните избори и политичкиот процес
ЦИВИЛ започна со подготовки за долгорочниот изборен мониторинг на претстојните локални избори и на политичкиот процес за излез од политичката криза во земјата.
РЕТРОактива
ЦИВИЛ го започна регионалниот проект РЕТРОактива, посветен на граѓанскиот активизам од 80-те години на минатиот век до денес, во партнерство со ГОНГ, Хрватска, Хелсиншки комитет за човекови права на БиХ, Анима од Црна Гора и Центар за културна деконтаминација од Србија. Првите резултати од проектот ќе бидат соопштени кон средината на февруари. Поддршка: Европа за граѓаните, ЕУ.
ЦИВИЛ Медиа
Денеска го објавуваме и официјалниот почеток на медиумските проекти, информативните портали на ЦИВИЛ Медиа и тоа само на два од нив: порталите www.civilmedia.mk и www.civilalb.info. Поддршка: Цивика Мобилитас и донаторите на сите проекти на ЦИВИЛ.