„Сме го кажале јавно нашиот став неколку пати досега. Имајќи го предвид вчерашниот став на ДУИ и денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, треба да истакнам дека тоа е политички театар кој што има за цел да се оневозможи формирање на една политичка влада. Од тој политички театар, ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе како заштитник на интересите на Македонците, а ДУИ како заштитник на интересите на Албанците. Мислам дека ова е крајно несериозен пристап, бидејќи со вакви ригидни поставувања се поставува прашањето ако сега не сакаат да отстапуваат кои беа заедничките интереси, односно принципи врз кои тие владееја речиси 15 години? Дали криминалот или бизнис интересите беа клучните принципи врз кои тие владееја досега?“, изјави вчера за ЦИВИЛ Медиа, портпаролот на Беса, Орхан Муртезани.
ЦИВИЛ Медиа: Дали по ваквиот театар на политичката сцена, сметате дека ќе има коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?
МУРТЕЗАНИ: Мислам дека и ДУИ и ВМРО–ДПМНЕ од поодамна се согласија за еден принцип, победникот со победникот - да формира влада и на нив останува дали ќе го почитуваат или нема. Не сакаме од сега да прејудицираме како ќе се одвиваат настаните, сега-засега, мандатот е кај Никола Груевски и ќе видиме како ќе се развиваат настаните понатаму.
ЦИВИЛ Медиа: Беса е една од трите партии кои ја усвоија Платформата и стоите цврсто на ставот да се реализираат барањата од неа. Ако ДУИ сепак, постигне договор со ВМРО–ДПМНЕ, каде ќе биде тогаш местото на Беса, дали ќе бидете опозиција, или сепак, ќе седнете на заедничка маса со ВМРО- ДПМНЕ?
МУРТЕЗАНИ: Во интерес на таа заедничка платформа, ние јавно сме соопштиле дека без разлика дали ќе бидеме дел од евентуална власт или опозиција, ќе ги подржиме тие точки кога ќе дојдат на дневен ред во Собранието, оти сметаме дека тие не се во интерес само на Албанците што живеат во Македонија, туку во интерес на државата, бидејќи Македонија ќе ја трансформираат во функционална држава која нема да создава постојано внатрешни конфликти. Не би сакале уште отсега да прејудицираме како ќе се развијат преговорите меѓу ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ, ако има новости или евентуален развој, ние како партија ќе имаме соопштение и органите на партијата ќе заземат став по одредено прашање.
ЦИВИЛ Медиа: Чекате да видите како ќе се развие ситуацијата?
МУРТЕЗАНИ: Да, во овој момент стоиме зад сите барања што стојат во таа декларација. Во Платформата не станува збор дека сите потписници треба заеднички да преговараат за формирање евентуална политика, туку дека кога тие точки ќе дојдат на дневен ред, сите треба да ги подржат.
ЦИВИЛ Медиа: Дури и ако Беса е опозиција?
МУРТЕЗАНИ: Да.
Моника Талеска
Камера: Атанас Петровски
Оваа вест е достапна и на: Albanian