Некаде со добро, некаде со нож! - пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и ја слушаме со месеци наназад. Ова е отворен и директен повик на екстремно политичко насилство, што е кривично дело. И последниот повик на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ за „филмска проекција“ на филм за Ќосето, кореспондира со вокабуларот на водството на оваа партија.
ЦИВИЛ – Центар за слобода јасно, гласно и недвосмислено ги потсетува институциите дека се должни да одговорат на сеењето страв и омраза и отворен политички екстремизам со соодветни законски санкции. Во спротивно, тие ќе бидат соучесници во криминалното подривање на стабилноста и безбедноста на земјата.
Ги повикуваме родителите да бидат одговорни и совесни и да преземат сè што е во нивна моќ да не им дозволат на криминалните умови да ги контаминираат нивните деца. Бесмислено е децата да бидат пиони во рацете на еден грст криминалци. Нема зошто децата и младите да се вплеткуваат во валканите обиди на криминални структури да ја избегнат одговорноста за сторените дела.
Родители, кажете им на своите деца дека овие структури не избираат средства за да ги задржат своите позиции на моќ. Нивна цел е да продолжат со безмилосна експлоатација и понижување како на своите лојални поданици, така и на сите останати. Кажете им на децата да се трудат да израснат во нормални и совесни граѓанки и граѓани, а не да му служат на злото.
Ја повикуваме полицијата да преземе максимални мерки на превенција од насилството кое може да избие како последица од деструктивните настапи на неодговорните политичари во јавноста или од провокации на социјалните мрежи, медиумите и „граѓански“ иницијативи од типот „долги ножеви“ и слично.
Обвинителството мора да покрене постапки против лидерите и високите претставници на политичките партии, кои во изминатите месеци повикуваат на насилство против политичките опоненти и шират омраза по етничка и верска припадност.
Организаторите и промоторите на екстремизмот мора да одговараат, без оглед на нивната припадност или општествена позиција!