ПРЕДАТОРИ

Организацијата Репортери без граници има направено листа од 39 лидери на држави или на организации кои се обележани како предатори (крволочни непријатели) на слободата на информирањето. После апсењето на новинарот Томислав Кежаровски лесно може да се случи оваа листа да се прошири.

Ристо Поповски

freedom of speechПодготвеноста на претставниците на правосудните органи да се сретнат со делегацијата на новинари, кои бараа ослободување од притвор на колегата Томислав Кежаровски, беше, како и што се очекуваше, само формален гест на добра волја. Новинарот остана во притвор со истото, и веќе излитено од употреба, објаснување дека може да влијае врз сведоци или да избега од државата.

Залуден оптимизам беше да се очекува дека правосудните органи ќе ја сменат одлуката само затоа што тоа го бараат новинари, кои неколку дена порано организираа и протест пред судот. Штом веќе се решиле на спектакуларен начин, со учество на припадници на специјалната полиција, да апсат новинар поради објавен текст, средбата со делегација на новинари беше само празна „великодушна“ отстапка.

Причините поради кои е упасен новинарот остануваат нејасни, особено поради фактот што „инкриминираното“ дело е сторено пред цели пет години, во весник кој повеќе не постои. Клучното прашање е зошто органите на прогонот не реагирале веднаш? Нејасно е зошто случајот се отвора денес, а дополнителни дилеми предизвикува и фактот што новинарот кој е притворен пронајде и објави материјални докази поврзани со сообраќајната несреќа во која загина новинарот Никола Младенов.

Апсењето и прогонувањето на новинари се екстремни мерки кои прилегаат на тоталитарни и диктаторски режими. Во сиот нормален свет затворањето на новинари поради објавен текст е преседан кој е далеку од основните норми на демократско и граѓанско општество. Апсењето на новинар не прилега на држава која, барем формално, се определила да биде членка на ЕУ и НАТО.

Спектакуларното апсење и одредување на притвор за новинарот упатуваат повеќе од јасни пораки за новинарството и медиумите во Македонија. Една од пораките е дека, по терк кој потсетува на времињата на едноумието, внимателно се следат работата на медиумите и пишувањето на новинарите. Нивното дело не застарува, можат да бидат обвинети, по потреба, дури и после пет или повеќе години.

Имајќи предвид што сè се случуваше со новинарството и медиумите во Македонија последниве неколку години, апсењето на новинарот и не е големо изненадување. Постојано и систематски се стеснува просторот за слобода на професионално новинарство. Гаснеа или се затвораа весници и телевизиски станици. Нивните сопственици се или во затвор или гинат во сообраќајни несреќи под неразјаснети околности. Новинарите како партали ги исфрлаа од парламентот...

Апсењето на новинарот Томислав Кежаровски, освен реакции на новинарите во Македонија, предизвика сериозна загриженост, па и вџашеност, на меѓународни новинарски и организации за човекови права. Реагираше и ОБСЕ. Сé беше залудно и напразно. Новинарот останува во притвор, без оглед што со тоа сериозно се урива меѓународниот имиџ на државата, поточно на власта.

Македонија со ваков однос ќе продолжи да тоне на ранг листата на слободата на медиумите во светот. Сега е на 116 место, а само за три години падна за 82 места на листата на организацијата Репортери без граници.

Оваа организација има и посебна листа на 39 лидери на држави или организации кои се обележани како предатори (крволочни непријатели) на слободата на информирањето. После апсењето на новинарот Томислав Кежаровски лесно може да се случи оваа листа да се прошири.