ГОНГ, Хрватска: Отпор, движење, промени...

Во тек е регионалната мултимедијална изложба „Отпор, движење, промени: Фрагменти од уметничките и активистичките практики од крајот на осумдесеттите до денес“ во Загреб, Република Хрватска.

Оваа изложба е резултат на заедничките напори на уметниците и активистите од поранешните југословенски простори. Изложени се неколку стотини експонати и мултимедијални содржини кои креираат една хронолошка низа во развојот на активизмот и борбата за човекови права и слободи и поттикнување на демократските процеси, низ призма на ранливите периоди во поновата историја на Балканот.

Изложбата е дел од проектот РетроАктива кој го води светски познатата организација ГОНГ од Хрватска, во партнерство со ЦИВИЛ – Центар за слобода од Македонија, Центар за културна деконтаминација (Србија), Хелсиншки парламент (БиХ) и Анима (Црна  Гора), како и фондацијата Солидарна и здружението Култура на промени при Студентскиот центар во Загреб. Финансиската поддршка доаѓа од програмата Европа за граѓаните. Самата изложба ја подготви организацијата за промоција на културата Курзив и кустосот Мартина Контошиќ. Изложбата ќе биде отворена до 22 април во Студентскиот Центар во Загреб.

„Одмазда на дрвото“, Мирослав Стојановиќ - Шуки, Македонија

ЦИВИЛ, како партнерска организација на ГОНГ, со гордост може да соопшти дека Македонија е извонредно видлива на изложбата. Меѓу другото, ЦИВИЛ беше поканет да учествува со уметничкото дело „Одмазда на дрвото“ на мултимедијалниот уметник Мирослав Стојановиќ – Шуки, како и со голем број фотографии од архивата на ЦИВИЛ, од кои најголем број се авторство на Биљана Јордановска. Експонатите од Македонија го отсликуваат отпорот и активното граѓанско општество во Македонија во последните години, низ призма на заложбите на организацијата во одбрана на човековите права и слободи.

Отпор, движење, промени..., 13 април 2017, Студентски центар, Загреб

Фотографиите опфаќаа фрагменти од протестите од 13 април 2015, по одлуката за аболиција на претседателот Иванов, од граѓанското новинарство како нов бран во одбрана на медиумските слободи и објективното информирање, од Караванот на слободата, проект на ЦИВИЛ  што преку уметноста и културата влијаеше на засилување на граѓанската свесност и граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.

„Никогаш повторно. Никогаш. Повторно?“, Елма Селман, Босна и Херцеговина

Во рамките на целодневната програма, со свој перформанс се претстави и босанската уметница Елма Селман со интерактивниот перформанс „Никогаш повеќе. Никогаш. Повторно?“ (“Never Again. Never. Again?”), а беа претставени и делата на Нико Аутор, Игор Грубиќ, Адела Јушиќ, Синиша Лабровиќ, Владимир Миладиновиќ, Албана Мује, документација на делата на Сања Ивековиќ, филм на Наташа Нелевиќ и група уметници.

Постоечките дела во предворјето на киното на Студентскиот центар, беа придружени со три нови продукции, одбрани по пат на натпревар на фондацијата Солидарна и здруженијата Курзив, Домино и ГОНГ – делата на Ивана Аманини „Ѕидови“ и на Јасна Жмак „Јас сум иднината“.

Изложбата беше отворена истовремено со одбележувањето на дваесетгодишнината од формирањето на ГОНГ. Со поддршка на партнерските организации и соработниците од регионот, ГОНГ го одбележа својот роденден во знакот на граѓанката/граѓанинот.

Отворање на мултимедијалниот настан по повод роденденот на ГОНГ

Целодневниот мултимедијален настан ја опфати и регионалната конференција „Во потрага по граѓанката/граѓанинот: Времеплов на активистичките и уметничките практики“.

Пред преполната сала во Студентскиот центар во Загреб, настапија голем број говорници на четирите панел дискусии, меѓу кои беа и истакнати лидери во граѓанското општество од целиот регион, новинари, универзитетски професори и уметници, меѓу кои и Драган Зелиќ и проф. Жарко Пуховски од Хрватска, Борка Павичевиќ од  Србија, Џабир Дерала и Јасмина Голубовска од Македонија и многу други.

Трета панел дискусија: „Во потрага по граѓанката/граѓанинот во идеализмот на либералната демократија: преглед на активистичките иуметничките практики од 2 000 година па наваму“

Во 20 часот во полукружната сала на Театарот&ТД се прикажа монодрамата „Постдипломско образование“ на Вилим Матула и Синиша Лабровиќ, во режија на Борна Арманини, со музика на Игор Павлиќ, а во 21 часот започна „Музичка активистичка слушална“ на Илко Чулиќ која прерасна во одлична забава до три часот по полноќ.

Прва панел дискусија „Граѓанско општество, независна култура и медиумите како простор за претставување на граѓанинот како политички субјект“

Тимот на ЦИВИЛ, Ермин Климента, Горан Наумовски, Џабир Дерала и Биљана Јордановска, на своите партнери во Загреб им пружија медиумска поддршка преку социјалните мрежи, фотографија и камера. Активистичката и уметничката приказна од овој навистина значаен мултимедијален настан ќе продолжи.

Во наредниот период ќе бидат објавени панел дискусиите во целост, изјавите на активистите и уметниците, а на Фејсбук страниците на ГОНГ и ЦИВИЛ читателите ќе можат да се информираат повеќе за проектот и да почувствуваат дел од атмосферата преку фото галериите.

Б.Ј.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish