ЦИВИЛ – Центар за слобода го набљудуваше спроведувањето на Референдумот во Гевгелија на 23 април 2017 година. Референдумското прашање беше „Дали сте за или против отворање на рудници металични минерални суровини на територија на општина Гевгелија“, а на него можеа да одговорат 19,363 регистрирани гласачи на општината, а до 17 часот се изјаснија 14,016 гласачи.
Референдумот е успешен и беше спроведен во мирна атмосфера без поголеми проблеми и нерегуларности, а започна со навремено отворање на сите 37 избирачки места.
Сепак, мониторинг тимот на ЦИВИЛ регистрира повеќе помали нерегуларности во целиот процес, како и на самиот ден на изјаснување на граѓанките и граѓаните.
Најсериозните забелешки одат на адреса на надлежните институции, поточно Општинската изборна комисија. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ документира повеќе случаи на потполна неинформираност на гласачите, а во целост, може да се забележи недоволно ангажирање на ОИК за навремено и квалитетно информирање на локалната јавност за Референдумот.
Се бележат и помали пропусти во работата на Избирачките одбори, УВ ламбата не работеше во две избирачки места, како и три случаи на групно гласање. Се бележат и проблеми со Избирачкиот список, односно повреда на гласачкото право. Дел од гласачите не можеа да се најдат на Избирачкиот список.
Тоа се клучните забелешки на набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода за текот на Референдумот во Гевгелија до 19 часот.
ЦИВИЛ за денот на изјаснување беше отворен за пријавите од граѓанките и граѓаните, како и за прилози од граѓанските новинари. Пријавите за нерегуларности сè уште може да се поднесуваат на телефонските броеви: 078/746-138 и 077/691-526, а на располагање е и веб страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности.
Во оваа прилика, ги потсетуваме граѓанките и граѓаните дека ЦИВИЛ неодамна објави и онлајн Пријава на политички притисоци, мобинг и дискриминација. Пријави може да се поднесуваат и преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори.
ЦИВИЛ ќе ги достави пријавите до Општинската изборна комисија во Гевгелија, а за текот на референдумот ќе ја информира јавноста преку соопштенија, прилози на веб страницата ЦИВИЛ Медиа и информации на социјалните мрежи на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ ги следеше подготовките за референдумот од првиот момент кога советниците во Општина Гевгелија едногласно одлучија за негово спроведување. Набљудувањето на референдумот се спроведе на волонтерска основа.