ЦИВИЛ со вртоглава агенда во наредните 48 часа

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со својата вртоглава агенда, преполна со активности низ целата земја. Во наредните 48 часа (петок-сабота, 28 и 29 април), тимовите на ЦИВИЛ ќе работат во Битола, Ресен, Охрид и Струга. Ќе се спроведуваат активности во рамките на Граѓански објектив – проект за транспарентни и одговорни политички процеси и Општество без граници – проект за афирмација на човековите права, социјалната правда и екологијата.

ЦИВИЛ ќе одржи јавна презентација на проектот Општество без граници во Битола, на плоштад Магнолија, со почеток во 12 часот. Преку проектот се промовира Граѓанската повелба – глобален документ за унапредување на граѓанските права и за активно учество на граѓаните во процесите на одлучување, а се јакне и јавната свест за социјалната правда и екологијата во земјата и во светот.

На инфо-штандот на ЦИВИЛ ќе се потпишува и изјава за поддршка на Граѓанската повелба, како и фото и видео петиција. На инфо-штандот ќе може да се подигне копија од Граѓанската повелба на еден од шесте јазици на кои ЦИВИЛ го преведе овој глобален документ (македонски, албански, ромски, турски, српски и влашки).

За претставниците на медиумите од овој регион, во 13:30 часот ќе се одржи прес-конференција, со детална презентација и информирање на новинарите за сите активности поврзани со Граѓанската повелба на светско и на национално ниво.

Младите од Битола и Прилеп ќе имаат можност да учествуваат во работилница за граѓанско новинарство на 28 април, петок, од 16 до 18 часот, во Хотел Театар. Овие работилници се одржуваат низ целата земја и се дел од проектот Граѓански објектив.

Работилницата на учесниците од Битола и околината ќе им овозможи теоретско запознавање со истражувачкото новинарство, граѓанскиот активизам, онлајн активизам и за предностите на новите технолошки придобивки. Вториот дел од обуката опфаќа практичен дел, каде учесниците ќе можат, во центарот на градот да го применат стекнаото знаење преу фото и видео прилози.

Подоцна, во текот на вечерта, битолската јавност ќе може да го проследи и уличниот настан за промоција на проектот Граѓански објектив, посветен на граѓанското новинарство, пред Офицерски дом со почеток во 20 часот. На оваа промоција ќе се проектираат прилози од граѓански новинарки и новинари, а присутните ќе може поблиску да се запознаат со активностите на ЦИВИЛ во овој и во други проекти. Настанот ќе биде проследен со диџејски сетови на ЦИВИЛите.

Во Ресен, на 29 април, сабота,  со почеток во 10:30, со претставници на граѓанското општество, тимот на ЦИВИЛ ќе разговара за социјалната правда и за екологијата како дел од активностите во проектот „Општество без граници“.

Промоцијата на проектот Општество без граници и на Граѓанската повелба ќе продолжи на градскиот плоштад во Охрид, во сабота, 29 април, со почеток во 12 часот со инфо штанд, фото и видео петиција, како и потпишување поддршка на Граѓанската повелба.

Прес-конференцијата за медиумите во Охрид, за детално промовирање на „Граѓанската повелба“ и активностите поврзани со проектот „Општество без граници“, ќе се одржи со почеток во 13 часот

Веќе во 15:30 часот активностите продолжуваат во центарот на Струга, каде, исто така,  ќе биде поставен инфо-штанд, на кој граѓанките и граѓаните можат да се информираат за Повелбата, да ја поддржат со потпишување или со фото и видео петиција.

За дополнителни информации заинтересираните можат да се јават на 02/5209176, да напишат порака на [email protected] на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ.

Проектот Граѓански објектив е поддржан од National Endowment for Democracy, а проектот Општество без граници се спроведува во соработка со Фондација Хајнрих Бел.