Црна слика за македонските медиуми

Континуираниот пад на македонските медиуми на светската ранг листа, 111 место според индексот на Репортери без граници, е доволен показател за слободата на медиумите во последните години. И оваа година, Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на слободата на медиумите во знакот на медиумскиот мрак, заканите, заплашувањето и структурното насилство.

Само во 2016 година, ЦИВИЛ – Центар за слобода регистрира над 40 случаи на напади и директни притисоци врз новинари и медиумски работници, како и врз граѓанки новинари со кои соработува организацијата.

Најголем дел од македонските медиуми зрачат искривена слика во етерот, а голем дел од нив сè уште се строго контролирани од структурите на моќта и партиите кои сè уште ја узурпираат власта.

Медиумската нетранспарентност, корумпираност, автократското и партиското владеење ги затворија медиумите во балон во кој се продуцираат однапред напишани и режирани содржини кои ѝ се сервираат на јавноста повеќе од 10 години.

Ваквата медиумска политика доведе до згаснување на уште два печатени медиуми, под провиден изговор за финансиски проблеми, медиуми кои не се целосно под канџите на власта.

По насилничкиот напад на Собранието на Република Македонија кој го организираше ВМРО-ДПМНЕ беа повредени повеќе од 10 новинари, а опремата им беше уништена и беше искористена за брутално физичко насилство врз пратениците на новото парламентарно мнозинство во Собранието, лесно може да се очекува место на дното на листата на неслободни земји.

Начинот на кој се одвиваше предизборната кампања и постизборното известување е тажен и брутален одраз на реалноста во која се наоѓа македонското новинарство. – е дел од констатациите објавени и во извештајот на ЦИВИЛ од изборниот мониторинг во 2016 година.

Негативната кампања која сè уште се води ја достигна својата кулминација, а една од последиците е токму насилството кое се случи во законодавниот дом.

Наспроти сите притисоци, клевети и закани, па и по грабежот во канцелариите само три дена пред овој датум, ЦИВИЛ продолжува со своите заложби, кревајќи го гласот против контролата на медиумите, валканата политичка пропаганда и насилството врз новинарите.

Долгогодишното сеење на страв, вовлекувањето во криминални зделки, закани за отпуштања на новинари, лажирање на вести и манипулација со јавноста, говорот на омраза кој е сè поприсутен, укажуваат на неминовноста од итно враќање на критичкото новинарство.

ЦИВИЛ ги повикува новинарите и медиумите да се обединат во заедничките заложби и борбата за медиумски слободи и да придонесат кон креирање на демократско општество каде новинарството ќе биде пример за почитување и заштита на човековите права и слободи.