Осуда за нападот врз новинарката Арбана Џара!

ЦИВИЛ - Центар за слобода најостро го осудува нападот врз Арбана Џара, косовска новинарка, поранешна главна и одговорна уредничка на весникот „Зери“, која доцна синоќа е нападната и брутално претепана пред својот дом во Приштина. 

Неколку часа пред да биде нападната, Џара била гостинка на албанската емисија „Октопод“ во која жестоко ги критикувала политиките на претседателот Ердоган и на официјална Турција, насилниот отоманизам и исламизам кој се врши на Косово, ги открила јавните личности, здруженија и институции кои се финансираат од фондовите на Ердоган и кои директно или индиректно ги промовираат неговите политики.

Неодамна, таа се вклучи во Демократската партија на Косово и изјави дека ќе ги преземе сите можни демократски мерки кои ѝ стојат на располагање - за Косово да нема никакви односи со Турција и да се бори против Ердогановата политика.

Косовската полиција го потврдила случајот, а по пружената помош во Клиничкиот центар во Приштина, Џара е пуштена на домашно лекување.

ЦИВИЛ овој напад не го гледа само како напад врз жена-новинарка, туку како напад врз слободата на изразување, и врз демократските принципи и вредности.

ЦИВИЛ најстрого го осудува нападот врз новинарката Џара и ги повикува косовските власти и институции за што поскоро решавање на случајот и најстрога казна за сторителите. Истовремено, ЦИВИЛ бара поголема заштита на новинарите на Косово, бидејќи ова не е првпат Џара да се соочи со закани и насилство. Поради жестоките критики кон власта на Косово, како и поради најавата дека ќе стане член на ДПК, таа постојано добивала заканувачки пораки кои непознати личности ги испишувале и на ѕидовите на нејзината куќа во Приштина.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish