Меѓународен ден за уништување на оружјето

Во свет во кој насилството се поттикнува и овозможува со лесниот пристап до оружјето, потребата од гласно одбележување на Меѓународниот ден за уништување на оружјето е повеќе од јасна!

ЦИВИЛ – Центар за слобода беше дел од иницијативата, поведена од Меѓународната акциона мрежа за мало оружје (International Action Network on Small Arms – IANSA) на меѓународно ниво, која предвидува прогласување датум за уништување на оружјето во сите држави во светот (9 јули). Оружјето кое е вишок или е запленето во текот на една година, според принципите на овој Меѓународен ден за уништување на оружјето, треба да биде уништено, а не пренаменето или продадено на некоја друга држава. ЦИВИЛ ја поздрави одлуката на владата да го прифати овој датум и на 9 јули 2004 година изврши прво уништување на оружјето кое беше предадено во акцијата за собирање на нелегалното оружје во 2003 година.

Уништување на оружјето, Скопје, Македонија, 9 јули 2004 година

Иако не сите случаи на насилство што завршуваат со смрт или страдање го вклучуваат поседувањето на нелегално огнено оружје, сепак, неговата широка достапност ги влошува состојбите. Ширењето на недозволеното оружје е закана за човековата безбедност. Фактот дека потеклото и следењето на нелегалното оружје често е невозможно, тешко е да се одредат точни статистички податоци. Сепак, од тоа што е познато, бројките се застрашувачки.

Уште позагрижувачки е што дури ни легалното оружје не е под сериозна контрола! Постапката за добивање дозвола не е комплицирана, а може да се каже и дека е недозволиво лесна. Воедно, се забележува и извесна селективност во постапките која не е во соодветна на стандардите, туку е повеќе заснована на своевидно дискреционо право да се даде или не дозвола за оружје на некое лице. Притоа самите дозволи не се почитуваат, односно, ако е дозвола за поседување, истата се користи и како дозвола за носење. Така беше барем во изминатите десетина и повеќе години. Новата влада предводена од СДСМ сега треба да се соочи со бројните предизвици кои ги носи големата и комплексна тема на контролата на оружјето.

Кампања за уништување на оружјето, спроведена од коалицијата Control Arms

ЦИВИЛ како членка на Меѓународната акциона мрежа за мало оружје (International Action Network on Small Arms – IANSA) од 2002 година и на меѓународната коалиција Контрола на оружјето (Control Arms) од 2003 година, со години укажува на потребата од сериозни акции на институциите во земјата во овој домен. Собирање на нелегалното и строга контрола врз лиценцираното оружје, уништување на оружјето, едукација за надминување на култот кон оружјето, се само дел од проектите, експертизите и препораките кои ЦИВИЛ веќе 15 години ги упатува до релевантните државни институции.

ЦИВИЛ ја промовира и бара строго придржување кон меѓународната Спогодба за трговија со оружјето (Arms Trade Treaty) уште од 2012 година. Иако на меѓународен план, ЦИВИЛ беше извонредно успешна и видлива организација, во рамките на напорите оваа спогодба да се спроведе доследно и на национално ниво, изолацијата на граѓанското општество се однесуваше и на ЦИВИЛ, така што во овој момент не е познато до каде е имплементацијата на оваа меѓународна спогодба на која сме обврзани, по нејзината ратификација во 2014 година.

За жал, за разлика од периодот 2002-2006 година, кога владата беше отворена за соработка со ЦИВИЛ на овие теми, како и со меѓународните институции и организации, како УНДП и ОБСЕ, во периодот 2006-2016 година, темите поврзани со контролата на оружјето беа занемарени, а тоа што се работеше, беше ограничено и го исклучуваше граѓанското општество и јавноста. За постигнување на оваа цел потребно е и јакнење на довербата на граѓанките и граѓаните во институциите и владеење на правото. За жал, незначителниот број на активности на институциите во оваа насока само ја затскриваат реалноста во која живее општеството.

Во регионот, само жителите на Србија имаат повеќе регистрирано оружје од граѓаните на Македонија, според податоците на „Вашингтон пост“ од 2016 година. Овие податоци посочуваат дека во Македонија има 24,1 парчиња регистирирано оружје на 100 жители, или речиси секој четврти жител поседува оружје. ЦИВИЛ, за жал, не може да сподели со јавноста најнови податоци за оружјето, бидејќи МВР сè уште не одговорило на прашањата кои ги упативме за време на Меѓународната недела на акција против оруженото насилство, која ЦИВИЛ ја одбележува од самиот почеток на своето членување во релевантните меѓународни мрежи и експертски тела. Веруваме дека документацијата и аналитичките податоци кои се однесуваат на оваа тема занемарена од претходните власти, набрзо ќе бидат консолидирани и ќе бидат споделени со нашата организација за понатамошни анализи и подготовка на стратегија за обновување на активностите во сферата на контролата на оружјето.

Меѓународниот ден за уништување на оружјето е потсетник дека работата на институциите мора да биде посветена на решавање, спречување и превенција на оруженото насилство. Во свет во кој безбедносните предизвици се огромни, потребата од вклучување на граѓанското општество е повеќе од очигледно, а приодот кон  овие теми мора да биде комплексен и мултидисциплинарен.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish