Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) го организира шестиот Форум на граѓанското општество на Западен Балкан во Сараево на 10-11 јули 2017 година. Главните теми на агендата ќе бидат улогата на организациите на граѓанското општество во промовирањето на одржлив раст и вработување, миграцијата во Западен Балкан, слободата на изразување и медиумите, како и правата и зајакнувањето на жените.
На Форумот ќе учествуваат околу 100 учесници, вклучително и голем број претставници на граѓанското општество од ЕУ и Западен Балкан, како и претставници на институциите на ЕУ, меѓународните организации и владите во регионот.
Жорж Дасис, претседател на ЕЕСК, Мортен Јунг, виш советник за Западен Балкан при Европската комисија и Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, се поканети да го отворат овој голем настан.
Од Македонија се поканети шест учесници, меѓу кои и Џабир Дерала од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Од македонските учесници, според агендата, на Форумот ќе говорат Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Насер Селмани од Здружението на новинарите на Македонија.
На крајот од настанот ќе биде издадена декларација со препораки од граѓанските организации.
Форумот може да го следите и на Твитер: #EESC_WBForum, @EESC_REX, @CivilMacedonia