ЦИВИЛ ќе го набљудува реферeндумот во Валандово

ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе го набљудува спроведувањето на референдумот во Валандово на 20 август (недела). На барање на граѓанките и граѓаните на Општина Валандово на референдумот ќе се изјаснуваат дали се за или против изградбата на рудникот Казандол.

Од теренот, до сега пристигнаа повеќе пријави за притисоци врз гласачкото тело референдумот да не успее. Граѓанските активистки и активисти на иницијативата „Спас за Валандово“ тврдат дека и општината и партиските структури кои се на власт на локално ниво, вршат притисоци во полза на рудникот. Граѓански активист испрати и видео запис од кој се гледа дека партиски активисти го кршат референдумскиот молк.

Според член 12 став 2 од законот за референдум, јавната пропаганда за референдумот мора да заврши најдоцна 48 часа пред денот на гласањето.

ЦИВИЛ е отворен за пријавите од граѓанките и граѓаните, како и прилозите на граѓанските новинари за можните нерегуларности во спроведување на референдумот.

Пријавите за нерегуларности може да се поднесуваат на тел.: 071 608 523, а на располагање е и веб страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности или преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори.  Пријава на политички притисоци, мобинг и дискриминација е онлајн аликација достапна на граѓанките и граѓаните во секое време да пријавуваат нерегуларности.

ЦИВИЛ во текот на референдумот ќе ја информира јавноста преку соопштенија, прилози на веб страницата ЦИВИЛ Медиа и информации на социјалните мрежи на ЦИВИЛ за резултати од набљудувањето на терен.

До сега, ЦИВИЛ ги набљудуваше сите локални референдумски изјаснувања, почнувајќи од неуспешниот референдум за ГТЦ во Скопје и референдумите во Гевгелија, Богданци и Дојран.


ЦИВИЛ ќе ги објавува информациите од теренот на медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа, во рамките на проектот Слободни медиуми за слободно општество, финансиран од Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.