Државата и партиите имаат законска, политичка и морална обврска да спроведат слободни избори!

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријават било каква повреда на нивното право на глас или изборни нерегуларности на онлајн формуларот www.slobodniizbori.info или на мејл [email protected]. Телефони: 02 / 5209 176, 071 608 523, 078 / 746 138.

Мониторинг тимовите на ЦИВИЛ нотираат засилена активност на партиските активисти во општините каде што се гласа во вториот круг на локалните избори, вклучувајќи го и денот на предизборен молк.

Социјалните мрежи се вистински воени зони. Се користи говор на омраза кон политичките противници, но забележливо е што се користат стравот, омразата и поделбите во таа онлајн битка. Етничката и верската омраза, хомофобијата и ксенофобијата се основни алатки на дел од политичките субјекти кои се во изборната трка, како на теренот, така и во онлајн просторот. Институциите мора да се активираат и овој тренд да го санкционираат, бидејќи е познато дека говорот на омразата, директно или индиректно, може да влијае како поттик за насилство.

Изборниот молк се крши во текот на ноќта и во текот на предизборниот молк. ЦИВИЛ доби неколку извештаи од изборните набљудувачи и едно аудио сведоштво за изборен поткуп во Штип.

Во пресрет на изборниот ден на 29 октомври, ЦИВИЛ апелира до избирачките одбори во 35-те општини каде што се одржува вториот круг од локалните избори, да ги извршуваат своите задачи совесно и професионално. Бараме од избирачките одбори да бидат кооперативни со набљудувачите на ЦИВИЛ и да не се обидуваат да ја опструираат нивната работа. Ја поздравуваме отвореноста на Државната изборна комисија да ја олесни нашата работа, но се надеваме дека нема повторно да се најдеме во ситуација да интервенираме преку највисокиот орган на оваа институција, како што тоа беше случај со првиот круг. ДИК има доволно работа, за да мора да се занимава и со несовесното постапување на одделни членови на избирачките одбори.

Исто така, ЦИВИЛ ја информира јавноста дека на веб страниците www.civilmedia.mk на македонски и www.drejt.mk на албански јазик, се објавуваат информации и извештаи од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ и други информации важни за граѓанките и граѓаните. Споделувањето на социјалните мрежи и преземањето на тие содржини е дозволено (според лиценцата Creative Commons) и добредојдено.

ЦИВИЛ - Центар за слобода има нулта толеранција кон изборните нерегуларности и ги повикува сите учесници во вториот изборен круг, на 29 октомври да придонесат за мирен, слободен и демократски изборен ден.


прочитајте и:

Пораките на ЦИВИЛ во пресрет на изборниот ден

Информација за прес центарот на ЦИВИЛ