„Слободни медиуми за слободно општество“ е проект, кој, пред сѐ, спроведува промоција и граѓанска едукација за слободата на медиумите како предуслов за слободно општество, но и има за цел да создаде целосно независна медиумска платформа што ќе служи како јавен ресурс за медиумите, граѓанските организации и сите активни граѓанки и граѓани.
За таа цел ЦИВИЛ организираше јавни презентации на кои не само што се промовираше проектот, туку се дискутираше за улогата на медиумите во демократизација и ослободување на општеството, за граѓанското учество и можноста за активно учество на граѓанките и граѓаните кои со свои предлози, препораки, коментари, сведоштва и информации што ќе ги споделат со тимот на ЦИВИЛ директно ќе влијаат на креирање на медиумскиот простор во Македонија.
ЦИВИЛ во периодот што доаѓа ќе ги интензивира јавните настани, по веќе осум одржани од почетокот на проектот.
Јавниот настан „Перспективи 2018“ се одржа на 22 и 25 декември 2017, и беше одлична можност за ЦИВИЛ да ги презентира проектите, извештаите и ставовите кои се однесуваат на слободата на изразувањето и медиумските слободи, човековите права и слободи, социјалната правда, екологијата, младите, изборниот процес и демократската трансформација на општеството.
ЦИВИЛ покани експерти, истакнати јавни личности, активисти, медиумски работници, а беа поканети и медиумите да се информираат и да земат изјави за сѐ што ЦИВИЛ како организација и ЦИВИЛ Медиа како медиумска платформа го покриваат во доменот на човековите права и слободи, слободата на изразување и медиумската слобода.
Јавниот настан Медиумско-граѓански понеделник за слободно општество ги спои медиумите, граѓанските здруженија и граѓанките и граѓаните во една заедничка средба на која се разговараше за слободата без која нема слободни медиуми. ЦИВИЛ ја презентираше медиумската платформа ЦИВИЛ Медиа како можност за учество во јакнење на граѓанската свест, на слободата на изразување и медиумските слободи. Мислењата и препораките на медиумските работници беа од огромно значење за развојот медиумската платформа како ресурс не само на медиумите, туку и на граѓанските организации.
ЦИВИЛ исто така организираше јавни настани за граѓанските активстки и активисти, граѓанки и граѓани кои бараа начин и можност активно да се вклучат во креирањето на општеството и медиумите.
Јавни презентации се направија во Куманово, Струмица и Скопје. Освен презентирање на проектните активности, присутните имаа можност да се запознаат со начините за нивно активно ослободување на медиумите и градење на слободно општество.
Проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, е финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Оваа вест е достапна и на: English