Речиси една година од падот на режимот, период во кој слабостите на институциите и општеството излегоа на површина, и покрај најавите и напорите од новата власт, статусот на новинарките и новинарите не се промени значително.
И покрај релативно послободната атмосфера, новинарите и медиумските работници сè уште се соочуваат со притисоци, уцени, вербални и физички напади, со ниски примања, нерешени работни ангажмани и манипулации.
ЦИВИЛ неодамна го спроведе проектот „Од разбирање до одбрана“ со над 60 интервјуа со повеќе категории на соговорнички и соговорници низ цела Македонија. Говореа луѓе со уреднички, новинарски и сопственички статус во медиумите, како и претставнички и претставници на граѓанското општество, познати по својот придонес во јавноста со свои експертизи или активизам. Паралелно со интервјуата, во улични видео анкети беа вклучени над 200 граѓанки и граѓани во Скопје, Струмица, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Штип и други градови низ земјата. Тие одговараа на прашањата дали има слобода на изразувањето и колку се слободни медиумите.
Периодот во којшто се спроведе овој проект е време критично за слободата на изразувањето и медиумските слободи, кога всушност и се манифестираа сите слабости на институциите и општеството.
Еден од најголемите проблеми на медиумите, новинарите и медиумските работници е неказнивоста. Со ваквата констатација се согласи и Драган Секуловски, извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, на завршната конференција „Има ли слобода во Македонија“ зборуваше за насилствата, нападите врз новинарите и неказнивоста.
„Ова е тема којашто ЗНМ ја третира со особен интерес и за жал во Македонија сè уште постои регистар на над 55 напади на новинари, од коишто само лани се случија 18. Од тие 55, ако се поделат во категории најголем дел се физички напади на новинари, потоа уништување на нивниот имот, вербални закани, закани по животот на новинарите и по членови на нивните семејства, како и груби навреди изнесени од страна на јавни личности“, истакна Секуловски.
Тој потенцираше дека ЗНМ интензивно се обидува да ја подигне свеста пред се кај граѓаните дека напад на новинар во основа значи напад врз демократијата на една земја.
„Кај нас во Македонија, за жал, од тие 55 случаи коишто ги имаме регистирано, а се однесуваат на последните четири години сè уште нема финална судска разрешница“, рече Секуловски. Тој потоа направи паралела со Хрватска каде неодамна беше изречена затворска казна за напад врз новинар.
Тркалезната маса ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода како завршен настан на кој беа презентирани наодите и препораките произлезени од петмесечниот проект „Од разбирање до одбрана“.
Иако, има напори за подобрување на состојбите во медиумите и состојбите со новинарите и новинарките, Македонија е далеку од реални промени.
Од истражувачките активности на ЦИВИЛ, а особено од интервјуата со соговорничките и соговорниците во проектот, може да се издвојат следните препораки:
- Мора да престане неказнивоста на оние што на било каков начин ја загрозуваат слободата на изразувањето и медиумските слободи.
- Јавниот сервис мора конечно да ѝ се врати на јавноста, а сите одговорни за ерозијата на медиумските слободи да се соочат со правни последици.
- Да се изврши зајакне независноста на медиумското регулаторно тело (АВМУ), а телата за медиумска саморегулација да добијат соодветна поддршка од институциите на државата, без условување и коруптивни потези.
- Политичките партии, институциите на локално и национално ниво и бизнисот мора да ја почитуваат слободата на изразувањето и медиумските слободи, соодветно на уставните, законските и меѓународните правни норми и стандарди.
- Законската регулатива мора да се хармонизира со потребите на медиумите од саморегулација. Законите кои ја регулираат медиумската сфера мора да се во чекор со времето и потребите на граѓанките и граѓаните, а не на центрите на моќта, односно да бидат општествено одговорни и вистински артикулатори на јавниот интерес.
- Финансиската независност на медиумите е услов за медиумските слободи, но и за слободата на изразувањето во целост. Коруптивното влијание на политичките и бизнис центрите на моќ треба да се идентификува и спречи со законски мерки и максимално почитување на професионалната етика.
- Мора да се креира овозможувачки амбиент во општеството во кој слободата на изразувањето, медиумските слободи и активното граѓанство се третираат како ресурси на општеството и државата за демократски развој и владеење на правото, а не како непријателски напади.
- Мора да се води сметка за образованието и обуките за подобрување на вештините на новинарките и новинарите кои ќе бидат во согласност со новите технологии и новите глобални трендови во медиумите.
- Изминатиот период бележи подобрување во доменот на соработката меѓу граѓанското општество и медиумите, но тоа ни оддалеку не е на потребното ниво. Постои многу неискористен простор за суштинска и содржајна соработка меѓу двата сектори, особено ако се земат предвид глобалните трендови во оваа сфера.
- Насочување на донаторската заедница кон суштинските потреби на медиумите за деполитизација, професионализација и независно работење.
Материјалот обезбеден преку проектот овозможува понатамошни независни анализи и формулирање дополнителни, не помалку важни препораки за медиумите, институциите, граѓанското општество, политичките партии и меѓународната заедница. Ги охрабруваме редакциите, експертите и другите засегнати страни да ги користат овие материјали за понатамошно објавување и анализи.
Маја Ивановска
Овој проект е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во Западен Балкан“ спроведена од Здружението на хрватските новинари, како дел од регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедност на новинарите”, спроведена преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија – Здружение на независни новинари на Србија, Здружение на новинари од Босна и Херцеговина, Здружение на новинари на Хрватска, Здружение на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.
Оваа вест е достапна и на: English