Книги за слободата, неправдата и немирот

ЦИВИЛ организира промоција на своите три изданија во клубот Сити Хол (до МКЦ), во среда, со почеток во 20:30 часот. Со повеќе од 350 колумни од 30 авторки и автори, на 1.000 страници во три книги, организацијата ќе се претстави со уште еден издавачки потфат во кој се прави длабински пресек на настаните во една од најважните години за македонската демократија. 

Промоцијата е замислена како дружење со авторките и авторите, со добра музика и пријатна атмосфера. „Без говоранции!“ – нагласуваат организаторите, бидејќи се убедени дека доволно е кажано со нивните колумни.

“Во чекалницата на слободата” од Сашо Орданоски, на 440 страници, “Рафал” од Џабир Дерала и “Неправда и немир” од дваесетина авторки и автори на ЦИВИЛ, со по 280 страници, ќе овековечат еден тежок и неизвесен период за Македонија. На едно место ќе се најдат многу различни ставови за сите релевантни теми, настани и процеси со кои се засегнати сите граѓанки и граѓани на земјата. Заедничко за сите три книги е тоа што се објавени на ретко слободен и независен медиумски простор кој го создаде ЦИВИЛ со проектот “Слободни медиуми за слободно општество”.

Настанот е од отворен карактер, како и сите други настани во организација на ЦИВИЛ. Вчера организацијата испрати соопштение до јавноста и медиумите со основни податоци за изданијата и промотивниот настан, а со повеќе детали за иданијата ќе се појави веќе утре. Во меѓувреме, ЦИВИЛите повикуваат заинтересираните да го пријават своето присуство на Фејсбук настанот „Книги за слободата, неправдата и немирот“.


фотографија од Александрос Стаматиу, на насловната страница на едно од изданијата („Неправда и немир“)

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English