Време е да престане кражбата на авторскиот труд!

Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ја алармира јавноста за грубото кршење на авторските права и кражбите на туѓиот авторски труд што секојдневно се случува во медиумскиот простор во Македонија. Кражбите се извршуваат дрско и спротивно на сите законски, професионални и етички норми. 

Без оглед на тоа што некои редакции истакнале услови за користење на содржините, што овозможува лесно преземање и користење на делови од авторските прилози или нивно целосно објавување во други медиуми, со минимално почитување на некои правила, одредени медиуми бескрупулозно и најбезобразно само ги преземаат.

Тоа е кражба! Некој вложил труд во тие прилози, текстови, фотографии и видео, цели тимови работат со авторките и авторите, се плаќаат агенциски услуги и претплати, се плаќаат хонорари на надворешни соработници, годишен закуп на онлајн простор, концесии, лиценци итн. Без трошка почит кон сето тоа, не мал број крадци на авторски труд, ги полнат своите медиумски простори, па дури и дрско ги менуваат насловите или дел од содржината на украдениот труд. Тоа мора да престане!

Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА најавува дека секој авторски труд што бил или ќе биде преземен спротивно на Условите за користење, ќе следи наплата по судски пат.

Воедно Редакцијата упатува искрени изрази на благодарност до медиумите што преземањето содржини од медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода го прават со придржување кон споменатите Услови, а со тоа помагаат кон видливоста на активностите на граѓанското општество и активизмот.