Цивил бара итно ослободување на новинарот Томислав Кежаровски и негово обештетување за сите трауми што ги доживеаја тој и неговите блиски денеска и во текот на долготрајниот притвор
Цивил – Центар за слобода смета дека денешната одлука за казнување на новинарот Томислав Кежаровски со драконска казна од 4,5 години затвор е срамна, брутална и шокантна и претставува грубо кршење на човековите права и силен удар врз слободата на говорот и независноста на медиумите во земјата.
Бараме итно ослободување на Кежаровски и негово обештетување за сета неправда што му е нанесене и за сите трауми што ги доживеаја тој и неговото семејство денеска и во изминатите пет месеци.
Се придружуваме на острите протести на меѓународните и домашните институции, како и на бројните индивидуи од земјата и светот и бараме пресудата веднаш да се обжали, а повисоките судски инстанци во најкраток можен рок да ја укинат како незаконска.
Целиот тек на случајот Кежаровски од неговото сензационалистичко апсење и долготрајното држење во притвор (од 28 мај годинава), упатува на заклучок дека станува збор за политички мотивирана пресуда, а не за законска и уставна одлука на независен суд.
Цивил, заедно со Репортери без граници – Германија, n-ost – Мрежа за известување за источна Европа и Балканската истражувачка репортерска мрежа, уште пред два месеци, во заедничка реакција, оценија дека апсењето на Кежаровски е замислено со цел да го заплаши него, но и другите македонски новинари и медиуми.
„Апсењето на новинар затоа што го остварува неговото уставно право да ја информира јавноста не е само нелегално, туку и целосно некомпатибилно со европските стандарди“ и е „само уште една од серијата практики на власта со кои влијае на слободата на медиумите на еден мошне негативен начин“, порачаа тогаш четирите организации.
Ги повикуваме сите меѓународни и домашни институции, сите слободољубиви луѓе, да направат се што е во нивна моќ за да го спречат натамошното кршење на човековите парава од страна на власта, а судовите да се ослободат од нејзиното силно влијание и да пресудуваат независно и врз основа на докази, според уставот и законите.