Реакција на Фронтот за слобода на изразувањето на пресудата за новинарот Томислав Кежаровски
Фронтот за слобода на изразувањето смета дека затворската казна од 4,5 години за новинарот Томислав Кежаровски, претставува уште еден тежок удар врз слободата на изразување и слободата на медиумите во Република Македонија.
Пресудата против Кежаровски претставува закана за сите новинари кои информираат за работата на полицијата, правосудните органи, но и на сите други државни институции, во иднина, да внимаваат што и како ќе известуваат, затоа што, можат да бидат осудени со драконски казни, без разлика дали известувале вистинито и дали притоа ги штителе интересите на граѓаните.
Фронтот за слобода на изразување бара од повисоките судски инстанци, во жалбената постапка, да ја укинат оваа скандалозна пресуда и да го ослободат Кежаровски од одговорноста за непостојно дело. Колегата Кежаровски е осуден заради совесно вршење на основната новинарска задача - известување на јавноста за прашања од јавен интерес - како што е во случајов, разоткривањето на злоупотребите на институтот заштитен сведок од страна на полициските и правосудните органи.
Во спротивно, потврдената затворска казна за Кежаровски, ќе значи и затворска казна за слободата на изразувањето и слободата на медиумите во Република Македонија.
Фронтот за слобода на изразувањето (sloboda.kauza.mk) е широка платформа составена од поединци, организации, институции и неформални групи кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – зачувување и унапредување на основното човеково право – слободата на изразување во, првенствено во Република Македонија, но и секаде во светот.
Фронтот го сочинуваат следните граѓански организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиуми, Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, Здружение на граѓани Контрапункт.
Оваа вест е достапна и на: Albanian