Цивил – Центар за слобода го објавува почетокот на проектот Слободни избори 2014. Во рамките на проектот, Цивил формира редакција за продукција на информативни медиумски содржини поврзани со изборниот процес, чија содржина ќе биде достапна преку веб страната и другите онлајн канали на Цивил, а сите медиуми можат да ги преземаат без ограничувања.
Аналитичкиот тим на Цивил веќе подолго време ја следи состојбата во Република Македонија и во текот на овој изборен процес ќе подготви сеопфатен извештај и анализа кој ќе го објави за најмногу четири месеци од сега. Тоа подразбира набљудување на изборниот процес пред, за време и по изборите. Под лупата на Цивил се наоѓаат политичките партии, институциите на власта на локално и централно ниво, медиумите и другите засегнати страни во овој процес.
Воедно, Цивил упатува апел до граѓан(к)ите на Република Македонија да не подлегнуваат на притисоци, закани и уцени и својот глас да го дадат според својата волја и убедување. Ги потсетуваме граѓан(к)ите дека гласањето е тајно и дека не постојат можности да се открие за кого гласале.
Цивил ги повикува сите граѓан(к)и да ни доставуваат информации за изборни нерегуларности и прекршување на Изборниот законик, на телефонските линии 02/5209176 и 075/707143 или по електронска пошта на [email protected].
Следете ја работата на Цивил и информациите поврзани со изборниот процес на следните линкови:
- Twitter хаштагови: #изборимк или #izborimk (на македонски), #zgjedhjemk (на албански) или #electionsmk (на англиски јазик).
Проектот Слободни избори делумно го поддржа Амбасадата на САД. Цивил прави напори да обезбеди што е можно поголемо присуство на теренот преку своите членови, активисти и партнерски организации, за што се очекува и дополнителна поддршка од донаторската заедница.