Новинарката Ирена Мулачка од неделникот „Фокус“ е добитникот на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка приказна за 2013 година. Темата на нејзината истражувачка сторија беше скандалот „Перде“ во кој на околу 50 лица им беше оштетен видот.
Второнаградена беше новинарката Менче Атанасова Точи. Нејзината истражувачка приказна ја обработувала темата за загадување во околината на Кавадарци. Третото место го освои новинарот Томислав Кежаровски од дневниот весник „Нова Македонија“ со новинарската истрага за смртта на уредникот на весникот „Фокус“ Никола Младенов.
Годинава стручното жири додели и две пофалници за исклучителен новинарски ангажман. Новинарката Сашка Цветковска доби признание за примената на нови техники при истражување податоци на Интернет во врска со сторијата за имотот на првиот човек на тајната полиција, објавена на Интернет порталот „Нова ТВ“. Новинарот Петре Димитров доби пофалница за обемниот серијал посветен на штитеничка во Заводот за заштита и рехабилитација во Банско, објавено на порталот „Е–Магазин“.
Конкурсот го организираше Македонскиот институт за медиуми традиционално по тринаесетти пат како дел од заложбите за институтот за унапредувње на професионалното новинарство и на демократските вредности во Македонија. На годинешниот конкурс се пријавија 21 автор, со вкупно 29 стории обработени во 91 текст/прилог, кои беа објавени во дневните весници и Интернет портали.
Текст и фото: Арбана Ќерими и Марко Петревски
Оваа вест е достапна и на: Albanian