Бурна беше изминатата недела од предизборната кампања на двојните избори во Македонија. Кандидатите за претседател одржаа низа митинзи во повеќе градови и села во државата каде што ги презентираа своите програми. Според евиденцијата на тимот на Цивил, ВМРО-ДПМНЕ одржа 27 митинзи и средби со граѓаните, СДСМ - 29 средби, ГРОМ - 9, ДПА - 7, а ДУИ - 10 пати се сретна со граѓаните во рамки на кампањата за бојкот на претседателските избори и промоција на концептот за консензуален претседател.
Поголеми инциденти не беа забележани изминатата недела освен во Кочани, кога советник од општината од редовите на опозициската СДСМ му удрил шлаканица на својот сопартиец, пратеник во Собранието на РМ. Наводно, инцидентот се случил во месниот штаб на СДСМ во кочанско Грдовци, поради незадоволството на советникот од составот на пратеничките листи.
Кандидатот Стево Пендаровски го одложи митингот во Шуто Оризари како превентивна мерка од можни инциденти, а како што известија од СДСМ, одлуката била донесена во директна консултација со службените лица на МВР задолжени за безбедноста на претседателскиот кандидат. Од МВР, пак, го демантираа тврдењето на СДСМ. Од таму информираат дека немало никаква консултација со МВР за можен инцидент и дека министерството и полицијата не забележале никаква закана или ризик за инцидент.
Избори без дебата
За едно здраво демократско општество задолжителна е предизборната дебата на кандидатите за претседател. Во изминатите претседателски избори бевме сведоци на неколку политички двобои на ТВ екраните. Но, веќе подолго време изостануваат директните дуели.
Телевизија Телма испрати покана до претседателските кандидати за дебатно соочување но како што извести телевизијата, кандидатот Ѓорге Иванов ја одбил поканата, по што од телевизијата жестоко реагираа обвинувајќи дека игнорирањето е метода на несигурните. „Гарнитурата на власт и овие избори реши да ја игнорира Телма. Девета година по ред и осми избори - претседателски, парламентарни и локални, ние вработените во Телма, особено во информативната програма се соочуваме со нерамноправен пристап до информациите, нелојална конкуренција на медиумскиот пазар поттикната директно од владата и обид за потценување. Но, се соочуваме и со невидена ароганција преточена во кабинетски листи за подобни и неподобни ,која (што) ги надминува високите прагови на толеранција , дури и кај нас.“ – се вели во реакцијата на ТВ Телма.
Освен препукувањата на митинзите и меѓусебните дисквалификации на кандидатите од говорниците на партиските митинзи досега не видовме вистинска дебата.
Пречекорувања на законот
Обвинувања за прекршување на изборниот законик поднесоа неколку политички партии до Државната изборна комисија. Обвинувањата се насочија кон претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов дека предвремено ја почнал изборната кампања, за што партијата која го поддржува доби пријава за прекршување на Изборниот закон.
„Имаше прекршување на Изборниот законик од кандидатот за претседател. Ние, како ДИК, врз основа на аргументи и докази, одлучивме да покренеме прекршочна постапка во која судот ќе одлучи каков ќе биде исходот. Што се однесува до други прекршоци, ние работиме на расветлување на други жалби. Имаме три жалби од страна на ВМРО-ДПМНЕ за кандитатот за претседател на СДСМ. Сé уште не е решено што ќе се преземе и какви казни ќе следат“ - изјави потпретседателот на Државната изборна комисија Субхи Јакупи.
Прекршување на Изборниот законик имаше и од јавниот сервис МРТ. , според анализата на порталот Либертас, во петокот (28 март), во централниот дневник во 19:30 часот, МРТ го прекрши членот 77 со тоа што објави податоци за рејтинзите на политичарите кои ќе ги предводат кандидатските листи, повикувајќи се на извори од владејачката партија.
Доставени листите за кандидати за пратеници
Официјалниот почеток на кампањата на политичките партии за предвремените парламентарни избори започнува на 5 април. Четиринаесет политички партии меѓу кои и пет коалиции викендов доставија листи за кандидати за пратеници. Како што информираат од ДИК, за сите шест изборни единици во Македонија и за трите изборни единици во странство, листи на кандидати доставија - Демократска унија за интеграција (ДУИ), СДСМ и останатите партии во коалицијата и ВМРО-ДПМНЕ и останати партии во коалицијата.
Демократската партија на Албанците (ДПА) поднесе листи на кандидати за пет изборни единици (со исклучок на четвртата изборна единица) во Македонија, како и за изборните единици 7 (Европа и Африка) и 8 (Северна и Јужна Америка), Национална демократска преродба (НДП) поднесе кандидатски листи за изборните единици 1, 2, 5 и 6 и за Изборната единица 7, Коалицијата Достоинство за Македонија има листи на кандидати за сите шест изборни единици во Македонија и за Изборната единица 8 за гласање во Северна и Јужна Америка.
За сите шест изборни единици во Македонија свои листи на кандидати за пратеници во Собранието доставија ВМРО Народна партија, Коалицијата ГРОМ, Коалиција за позитивна Македонија и Социјалдемократска партија на Македонија (СДПМ).
„Македонија се наоѓа во континуирана и агресивна предизборна треска веќе подолго време. Поточно, македонската јавност, граѓаните и институциите на системот се во состојба на постојана готовност уште од предвремените парламентарни избори во 2008 година, а особено по изборите во 2011 година. Ваквата состојба ја поткопува демократијата и стабилноста во земјата и отвора можности за потполна политизација на институциите на локално и централно ниво. Во комбинација со речиси потполната контрола врз медиумите, загрозувањето на слободата на изразување и притисокот врз организациите на граѓанското општество и активистите, двојните избори носат сериозни ризици за понатамошна ерозија на демократијата во Република Македонија.“ – изјави Џабир Дерала, претседател на Цивил.
Марко Петревски, Арбана Ќерими, Петар Стојковиќ
Оваа вест е достапна и на: English