ЦИВИЛ, институциите и заедниците во долгорочна и мултидисциплинарна акција против насилниот екстремизам

ЦИВИЛ – Центар за слобода во мај потпиша Меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи во борбата против насилен екстремизам и тероризам.

Меморандум за сорабтка во борбата против насилниот екстремизам меѓу ЦИВИЛ и МВР, мај 2018

Меморандумот со кој ЦИВИЛ и МВР се обврзаа да работат заеднички на едукација и превенција од радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот, беше одлична можност да се пристапи кон конкретни активности во навремено реагирање на говорот на омраза и насилство. Ова во тој период особено беше важно со очекувањата дека претстојниот референдум и неговата исклучителна политичка важност.

ЦИВИЛ започна со проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје во јуни, годинава.

Во првиот дел од проектот ЦИВИЛ ги истражуваше и ги мапираше факторите што влијаат на радикализација и опасностите од појава на насилен екстремизам, а направи и селекција на неколку општини во кои ќе соработува со локалните власти, инситуциите и со граѓан(к)ите, соодветно на обемот на проектот и капацитетите на организацијата. Во секој случај, проектот се спроведува и на национално и на локално ниво, а се планира и координирање и соработка со Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот. Соработката со локалните заедници има цел да се приберат искуства и предлози за начините како да се спречи насилниот екстремизам во поширок контекст.

Во септември ЦИВИЛ имаше работна средба со МВР на која се презентираа и се споделија дотогашните сознанија.

Работна средба ЦИВИЛ - МВР, септември 2018

На таа средба, Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, зборуваше за важноста за обезбедување на еден спокоен, цивилизиран амбиент, ослободен од секаков облик на закани или омраза што би можеле да реперкуираат со последици по правото и слободната волја на секој наш граѓанин во најширока смисла на зборот, а секако и во контекст на Референдумот што се одржа на крајот на тој месец (30 септември).

Во септември, ЦИВИЛ подготви три препораки што произлегоа од истражувањата во првата фаза на проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“. Првата препорака се однесуваше на потребата од мултидисциплинарни акции и пристапи во борбата против насилниот екстремизам.  Втората препорака беше дека јакнењето на јавната свест и граѓанската едукација треба да стане дел од нашето секојдневие, бидејќи во она што се нарекува говор на омраза може да се кријат потенцијали за радикализација и за насилни инциденти што можат да ја загрозат безбедноста. На заедничката прес конференција на ЦИВИЛ и МВР, Џабир Дерала потенцираше дека говорот на омраза е почетна форма на насилство што може да доведе до екстремизам и загрозување на безбедноста. „На повиците на насилство и говор на омраза треба да се одговори со позитивни пораки и отворен, конструктивен дијалог“ - додаде Дерала на таа прес конференција.

ЦИВИЛ одржа и три работни средби со заедниците во општините Чаир, Велес и Гази Баба на тема „Заедниците против насилниот екстремизам“. На средбите учествуваа највисоките претставници на локалната власт и полицијата на општинско ниво, како и претставници на заедниците, меѓу кои и наставен кадар, стручни служби и директори на училиштата, претставници на ученичките заедници, психолози, социјални работници, педагози, активисти на граѓанските организации и родители. Тие разменија информации и ставови за состојбите во општините.

ЦИВИЛ беше организатор и на една општинска презентација и со американскиот експерт за борба против насилниот екстремизам и градење на мир, Пол Тарнер, во општина Чаир.

Работна средба во Велес, на говорницата е градоначалникот Аце Коцевски, октомври 2018

Тарнер истакна дека целта е првенствено превенцијата, а не реакцијата откако веќе ќе избие насилниот екстремизам. Учесниците, пак, преку лични примери, во контекст на областите кои ги работат, ги пренесоа своите заложби за подобрување на состојбите во нивната заедница. ЦИВИЛ Медиа направи и едно опширно интервју со Тарнер, што ќе биде објавено деновиве.

Учесниците на работната средба во Велес зборуваа во контекст на проблемите во образовниот систем и неможноста наставниците и професорите да ја насочат својата енергија кон препознавање на симптомите за насилен екстремизам кај децата и младите. Претставниците на полицијата што бел дел од велешката работна средба ја истакнаа потребата од превенција, како и поголема вклученост на центрите за социјални работи.

Во Гази Баба беше организирана најпосетената општинска средба. На оваа средба учество зедоа и претставнички на градинките кои ја истакнаа потребата од превенција кај децата уште во најраните години. Нивна препорака беше да се вклучат и родителите кои најчесто не прифаќаат дека нивното дете е насилно.

Борис Георигевски, градоначалник на Гази Баба и Џабир Дерала, ЦИВИЛ, ноември 2018

Во рамки на проектот предвидени се уште работни средби и тоа во Куманово, Липково, Тетово, Теарце, Струга и други. За претставниците на ЦИВИЛ е важно да се истакне дека со континуирана соработка на сите нивоа и на сите сектори на оштеството и системот, со мултидисциплинарен пристап, може да се обезбеди превенција против насилниот екстремизам. „Кога ќе дојде работата до тоа да повикате 192 (полиција), тогаш е веќе доцна. Мораме да се справиме со екстремизмот и радикализмот во нивните рани форми или, пак, уште пред да се појават, да создадеме заедници што не се инфицирани со омраза и насилство“ - рече Дерала на средбата во општина Гази Баба.

Во наредниот период, ЦИВИЛ ќе работи на формирање работни групи во заедниците што ќе подготват планови за активности против насилниот екстремизам во повеќе општини низ Република Македонија, а на национално ниво, во тек се подготовки за презентација на вториот сет препораки за борба против насилниот екстремизам, а се планираат и заеднички активности со Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.

Преку анализи и препораки, меѓусекторска соработка и партнерства и учество на заедниците, ЦИВИЛ ќе придонесе кон идентификација на факторите за радикализација на индивидуи и групи, разбирање и препознавање на потенцијалите за насилен екстремизам, како и промовирање на ненасилни начини на критика и протест.

Биљана Јордановска

Оваа вест е достапна и на: English