ЦИВИЛ најавува голема септемвриска конференција за изборни реформи

ЦИВИЛ организира голема конференција за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“ во Скопје, хотел Континентал (Кристална сала), на 25 септември со почеток во 12 часот.

На конференцијата ќе бидат поканети лидерите на политичките партии без оглед на тоа дали се работи за голема или мала политичка партија, дали е застапена во сегашниот состав на Собранието или е вонпарламентарна. Воедно, ЦИВИЛ ќе покани релевантни експерти и претставници на граѓанското општество и меѓународната заедница. Учеството е можно само преку пополнување онлајн апликација.

„Имаме причини да веруваме дека ова ќе биде навистина голем настан, на кој ќе се обидеме да дадеме долгорочни позитивни ефекти што ќе се потрудиме сите заедно да ги постигнеме во оваа област.“ – велат организаторите од ЦИВИЛ и ги покануваат сите партии, но и сите други засегнати страни, да учествуваат на оваа Конференција, согласно со форматот предложен и во апликацијата за учество.

На Конференцијата ќе се говори за потребата од реформи во изборниот систем во целост, а поконкретно ќе се отворат темите за Изборниот законик, изборниот модел, Избирачкиот список, политичкото финансирање и медиумите и изборите. Учесничките и учесниците на Конференцијата ќе се обидат да дадат одговори на прашањата дали, како и во кој временски рок се возможни реформи во изборниот систем. Деталната програма, како и листата на говорници ќе биде објавена на 18 септември. Во неделата пред одржување на Конференцијата, во комуникација со пријавените учесници, ЦИВИЛ ќе ја разгледа можноста за дополнувања на Програмата.

Конференцијата ќе ја отвори германскиот амбасадор Томас Герберих.

Настанот е дел од проектот „Слободни граѓанки и граѓани за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish