Обновен повикот за апликации за дел од позициите во ЦИВИЛ, рокот е до 1 ноември

ЦИВИЛ го обновува повикот за апликации од заинтересирани за хонорарни позиции во организацијата. Повеќе квалитетни апликации беа испратени за некои од позициите, но не и за сите. Обновениот повик се однесува на позиции за кои нема (доволно) апликации.

Во оваа фаза, организацијата ќе работи на прибирање апликации за хонорарен и волонтерски ангажман на различни задолженија и позиции. Ангажманот во поголем дел од позициите ќе биде со флексибилно работно време.

КОМУНИКАЦИИ, ОНЛАЈН СОДРЖИНИ

Во тимот на ЦИВИЛ има место за соработнички и соработници, односно асистент-ки задолжени за:

  • Комуникации и односи со јавноста
  • Администрација на онлајн содржини (веб страници и социјални мрежи)

Ангажманот е со флексибилно работно време, врз хонорарна основа.

За работа во доменот на социјалните медиуми, ЦИВИЛ може да прими и максимум двајца/две волонтер(к)и, со опции да бидат ангажирани во идни проекти на ЦИВИЛ.

МАРКЕТИНГ АГЕНТИ

Дел од медиумската продукција на ЦИВИЛ веќе одамна е атрактивен онлајн простор за комерцијална презентација и има потенцијал да генерира средства што се потребни за самоодржливост и развој на организацијата. Воедно, ЦИВИЛ забрзано подготвува големи јавни настани во кои се добредојдени спонзорства и донации од општествено одговорни компании.

Затоа, потребни се маркетинг агенти што ќе комуницираат со комерцијални спонзори. Тие немаат одредено работно време, а плаќањето ќе биде на процент.

АСИСТЕНТИ И ВОЛОНТЕРИ ВО ТИМОТ НА ФЕСТИВАЛОТ НА СЛОБОДАТА

Во пресрет на Фестивалот на слободата или #ЦивилФест, посветен на човековите права и слободи, кога ќе биде одбележано и 20-годишното постоење на организацијата, на тимот што ќе биде задолжен за организација на овој исклучително важен и голем настан, ќе му бидат потребни еден/една асистент-ка и четири волонтер(к)и што ќе имаат можност, покрај работата, и да учат од професионални продуценти и креативци.