ЦИВИЛ ги праша политичките партии како ќе придонесат кон безбеден изборен процес, рокот е до 2 јули

ЦИВИЛ испрати прашалник до сите политички партии на тема: „На кој начин политичките партии придонесуваат кон одржување безбеден изборен процес?“ на 24 јуни. До 17 часот на 30 јуни, одговори на прашалникот испратија само пет политички партии и тоа: СДСМ, Твоја партија, ДОМ, Сојуз на Ромите и Партија на пензионерите. ЦИВИЛ доби порака и од партијата Левица, но со сосема поинаква содржина, надвор од темата.

Граѓанките и граѓаните имаат право да знаат како политичките партии планираат да ги спроведуваат мерките за заштита од коронавирусот во текот на кампањата и на изборниот ден, велат од ЦИВИЛ.

Прашањата се јавни и доставени и до медиумите, а објавени се и на медиумската платформа на организацијата. Се работи за следните прашања:

Дали партиите имаат протокол за заштита од коронавирусот и во што се состои тој? Каде е објавен протоколот и на кој начин се известени јавноста и активистите, кандидат(к)ите и партиските функционери на Вашата партија за мерките за заштита од коронавирусот за време на кампањата и изборниот ден?

ЦИВИЛ ги праша партиите и за тоа какви мерки за заштита ќе преземат и за време на теренските активности.

Дали сите што се ангажирани во Вашата партија имаат обврска да носат заштитна опрема кога се на терен? Дали Вашата партијата обезбеди заштитна опрема за членовите или самите се снабдуваат со неа? Дали Вашата партија обезбеди заштитни средства (дезинфекција, заштитни маски) и дали ќе издадете упатства за одржување растојание на јавните настани? Како ќе се постапува доколку на партиските теренски активности и собири се пречекори бројот од 30 луѓе во затворена просторија, односно 50 на отворено?

Што се однесува до придонесот на политичките партии за јакнењето на јавната свест, се поставува и прашањето: Дали и на кој начин Вашата партија спроведува активности за јакнење на јавната свест за потребата гласачите да се придржуваат кон протоколите за заштита од коронавирусот за време на кампањата и на изборниот ден?

ЦИВИЛ ги очекува одговорите на прашањата најдоцна до 2 јули на полноќ. Следат прашања од областа на политичкото финансирање и борбата против лажните вести и говорот на омразата, најавува ЦИВИЛ.