ЦИВИЛ најостро го осудува нападот на новинарската екипа на Ал Џезира

ЦИВИЛ најостро го осудува нападот на новинарската екипа на медиумската платформа Ал Џезира и бара од надлежните институции да го санкционираат напаѓачот соодветно на законот. Воедно, ЦИВИЛ апелира до јавноста да го отфрли и осуди ваквото однесување на поединци и групи кон медиумите, но и пошироко, кон неистомислениците. Насилството не е решение за надминување на разликите, тоа може само да ги продлабочи и да предизвика далекусежни штети за општеството.

Овој немил инцидент уште еднаш покажува дека говорот на омразата кој го шират организирани ултранационалистички групи и високи претставници на одделни политички партии може да доведе до насилство и дела од омраза. ЦИВИЛ ја повикува јавноста да ги отфрлат и осудат црната пропаганда, говорот на омразата и потпалувачкиот говор на одделни политичари.

ЦИВИЛ ја користи оваа прилика да апелира до релевантните институции да подготват и усвојат законска регулатива со која нападот на претставниците на медиумите ќе се третира како напад на службено лице.

ЦИВИЛ ја изразува својата поддршка и солидарност со новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Анѓелковиќ од Ал Џезира и им честита за професионалноста и смиреноста, но и за храброста што ги покажаа во овој случај.

 

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish