ЦИВИЛ ги прашува мразачите: Дали учевте од ИСИС или ИСИС учеше од вас?!

ЦИВИЛ јавно бара од политичките партии да ги сопрат своите пропагандни ешалони и на своите поддржувачи и членови да им порачаат да престанат со ширење омраза и со јавни закани со убиство на активисти!

Повеќе од очигледна е координацијата на ваквите напади на социјалните мрежи и во дел од интернет медиумите. Тој напад започна за време на авторитарниот режим на Груевски, но трае со години и по неговиот пад.

Крајно време е оваа омраза да престане, а одговорните за креирање и поттикнување на омразата и насилството да се соочат со институциите на правдата!

По смртните закани со сечење глави, легитимно е прашањето на ЦИВИЛ до членовите и поддржувачите на одредени, добро познати политички структури и до нивните раководства:

Дали учевте од ИСИС или ИСИС учеше од вас?! Нема оправдување за омразата што ја креирате и ја поттикнувате веќе со децении! Време е да одговарате за сите ваши злодела, криминал, сеењето омраза и повикувањето на политичко насилство!

ЦИВИЛ апелира до Јавното обвинителство и до МВР да поведат соодветни постапки за откривање на мрежите со кои се шири црна пропаганда преку лажни вести и екстремен говор на омразата.

Денеска тоа е еден активист на ЦИВИЛ, но утре тоа може да биде цела заедница или и цела држава.

Демократијата не подразбира хаос и самоволие, секој да се заканува секому, туку пред сè значи владеење на правото и почитување на човековите права и слободи. Крајно време е да се стави крај на дивеењето што го спроведуваат одредени центри на моќта во нашата земја.

Креаторите се познати, мотивите се познати, последиците се видливи веќе со години. Време е да се преземат законски мерки!

 


Оваа содржина е соопштение на ЦИВИЛ. Преземањето е слободно и добредојдено.

Оваа вест е достапна и на: English