Со преку 100 најразлични медиумски прилози за само два месеци, со бројни видео и ликовни пораки, колумни, интервјуа, анализи и цитати, ЦИВИЛ ја поведе Иницијативата „Обединети во различноста“, заедно со голем број јавни личности, експерти и претставници од различни сфери на општествено-политичкиот и академскиот живот во Северна Македонија. Иницијативата допре до преку 300.000 луѓе само 45 дена. Финалните бројки ќе бидат познати по новогодишните празници.
Онлајн реакциите ги надминаа и најпозитивните очекувања на тимот што ја спроведува Иницијативата. Наспроти десетици илјади лајкови и позитивни коментари, имаше минорна бројка од негативни реакции и коментари кои, како што оцени Дескот на ЦИВИЛ за мониторинг на лажните вести и говорот на омразата, се претежно оркестрирани и упатени во организиран манир од познатите трол фабрики. Тимот на ЦИВИЛ соопшти дека со детални податоци за опфатот на Иницијативата, ќе излезе на почетокот на јануари, 2021 година. Во меѓувреме, во последните денови од оваа година, ќе бидат објавени неколку преработени и подолги верзии од постојните видео пораки, како и неколку сосема нови содржини. Од Организацијата најавуваат дека ќе ја продолжат оваа значајна иницијатива и во текот на наредната година.
„Нашето општество предолго страдаше од поделби, страв и меѓусебно непознавање на различните заедници кои живеат под истото небо. За прогрес на општеството е потребна внатрешна интеграција, меѓусебно почитување и превенција од дискриминација и етнички мотивирани тензии, поделби и насилство. ЦИВИЛ веројатно е една од ретките организации кои низ личен пример, но и со експертиза и реалистични препораки и проекти, може да придонесе кон подобрување на состојбите на овој план“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Иницијативата се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Целта е преку пораки во различни формати да се укаже на богатството од различности во нашата земја, да се надмине национализмот и етничката омраза во општеството, и да се прикаже убавината на нашето мултикултурно, мултиконфесионално и мултиетничко општество.
На Иницијативата ѝ се придружија јавни личности, угледни универзитетски професори, граѓански активисти, актери, новинари, креатори на јавното мислење кои, секој на свој начин, говореа за богатството и потенцијалот што го нудат различните човечки, културни, традиционални, јазични и други особености на нашето општество.
Несрин Таир, актерка, Лиса Баута Шаќири, правничка, Мирјана Најчевска, универзитетска професорка, Владанка Димковска, актерка, Беса Арифи, универзитетска професорка, Мила Царовска, министерка за образование и наука, Рамуш Муарем Цирко, новинар, Петрит Сарачини, новинар и кантавтор, Сашо Орданоски, универзитетски професор и новинар, Зоран Кардула, графички дизајнер и активист, Тефик Мамут, активист, Зоран Иванов, новинар, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам и едно општество, Џељо Хоџиќ, Агенција за правата на заедниците, Дехран Муратов, новинар, Џабир Дерала новинар и писател, упатија пораки преку текстови, видео пораки, ликовни изрази или интервјуа како дел од Иницијативата на ЦИВИЛ „Обединети во различноста.
Изјави пред камерата на ЦИВИЛ МЕДИА, дадоа и Александар Кржаловски, Мухамед Точи, Санела Шкријељ, Љатифа Шиковска, Жаклина Мучева, Снежана Трпевска и други.
Со тоа, тие и низа други заинтересирани граѓанки и граѓани, дадоа огромен придонес кон ширењето на пораките за почитување на различностите и европските вредности во нашето општество.
ПОРАКИТЕ ОД КОЛУМНИСТИТЕ
„На Балканот живеат народи кои споделуваат заедничка историја, кои имаат голем број сличности (јазик, традиција, религија, храна, празници…), и, кои се соочуваат со многу слични проблеми (развојни, еколошки, климатски, економски…)“, пишува универзитетската професорка Мирјана Најчевска во колумната „Разединети во сличноста“.
Но, според Најчевска, токму во тоа може да се најде и „јаболкото на раздорот. „Во процесот на потенцирање на разликите, зголемување на контрастот и барање потврда на поинаквоста, се газело и се гази на секоја можност за препознавање на блискоста и заедничкото, и се рушат дури и мостовите на комуникација, на споделување и искористување на предностите кои ги дава сличноста“ – пишува Најчевска, а на крајот и порачува:
„Позитивното на актуелниот момент е дека постои шанса за обединување околу вредносен систем кој ги препознава овие сличности. Можеби, ако му дадеме шанса (вистинска шанса) на комплексот од вредности изграден во рамките на ЕУ, ќе можеме да ја прифатиме различноста како комплементарна со сличноста. На национално и на ниво на балканските држави“.
Во својата втора колумна на теми поврзани со Иницијативата „Обединети во различноста“, под наслов „Национализмот има потреба од минатото“, професорката Најчевска пишува:
„Национализмот го претвора минатото во романтично, гордо, достоинствено време во кое сé било јасно и недвосмислено и кое треба да ги определува нашите денешни постапки и да ја храни омразата кон непријателите од минатите битки и конфликти. Политичките субјекти ја искористуваат историјата да изградат меморија која може да биде ставена во служба на денешните политички борби“, пишува проф. Најчевска.
„Говорот на омраза се шири како некое штетно растение во градината на една мултиетничка држава, каде што треба да цветаат цветови со различни бои. Градината само ваква е убава, кога има различни цветови, и не само од една врста. Северна Македонија е една убава, многубојна градина за тие што сакаат а ја видат како таква. Но, за жал, за некои ќе беше подобро да има само жолти цветови, и ниту едно црвено, само еден вид рози, и ниту едно друго цвеќе. Но, сепак, оваа држава секогаш била дом на многу луѓе, многу етнитети, на многу бои, на многу јазици, и на многу религии. Оваа разноличност отсекогаш била карактеристична за нашава земја, но не за секого значело предност. Бидејќи, за некои, различноста е предност, вредност што треба да се негува, а за други, оваа различност е клетва.“, пишува универзитетската професорка Беса Арифи во својата колумна „На почетокот беше зборот“.
„Официјално, во нашата земја не постојат злосторства од омраза. Тие постојат само напишани во законот. Додека ние сведочиме за истите секојдневно, како што ги гледаме пријавени како инциденти од омраза од страна на невладините. Игнорирањето не не прави да изгледаме подобро ниту едни пред други, ниту во очите на светот. Со игнорирање, овој проблем се става под тепих. Игнорирањето мора да заврши и нашите институции мора отворено да се соочат со оваа форма на криминалитет. Ова ќе биде доказ дека Северна Македонија не само декларативно, туку и институционално решила да ги смета различностите како вредност и без страв да ја третира омразата“, пишува Беса Арифи во колумната „Игнорирањето не е решение“.
Со метафората „цветна градина“ се користи и Зоран Иванов во својата колумна „Република Северна Македонија – едно општество за сите“:
„Република Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна, мултиконфесионална. Република Северна Македонија е цветна градина од човекови бои, од еднаквости во различностите. Со сите дијапазони на социјални нееднаквости, со сите странични етно ксенофобични кошкања, па и инцидентни случки и со сите бројни други маргинални или поцентрални искричења врз етно или верска основа, со сите спонтани или политичко партиски спакувани дози национализам и шовинизам, Македонија, сепак, се истакнува како вонреден регионален, континентален и светски пример за државна конституција која институционално ги има вградено сите или генерално сите претпоставки за современо организирана заедница адекватна на времето и на потребите на поединецот, на граѓанинот.“
„Нека цветаат сите цветови“ е наслов на втората колумна на Иванов кој, меѓу другото, пишува:
„Општество еднакво, преку држава еднаква, е дофатна цел. На оваа граѓанска ливада, на ова заедничко македонско поле, има простор прво за секого, а потоа и за сите. Зашто на овој наш заеднички терен можат да цветаат и нека цветаат сите цветови“.
„Тие што поседуваат длабоко разбирање за низата проблеми и предизвици кои ги засегаат Ромите, најдобро знаат како предрасудите, расизмот и дискриминацијата влијаат врз нивните животи и токму поради тоа треба да бидат дел од власта и различните нивоа во рамки на истата за да можат своите лични искуства и вештини да ги преточат во креирање на соодветни политики кои ќе ги подобруваат горенаведените вечни проблеми на ромската заедница во Република Северна Македонија“, пишува Тефик Мамут во колумната „Тие што се блиску до проблемите и дискриминацијата, треба да бидат блиску и до власта и моќта која ќе одлучува и ќе ги решава истите проблеми“.
МОЌНИ ВИДЕО ПОРАКИ
Повеќе јавни личности ја збогатија Иницијативата „Обединети во различноста“ со видео пораки против национализмот и за истакнување на богатството што произлегува од различните култури, традиции, јазици...
Во првото од серијата видео пораки во Иницијативата „Обединети во различноста“, актерката Владанка Димковска вели: Ги надминуваме негативните и создаваме многу позитивни ситуации
„Јас сум од Куманово по потекло. Тоа значи дека живеам во град со многу различности, така што имам многу примери, и позитивни и негативни. Имам многу другари и пријатели од различна етничка припадност и сметам дека полека ги надминуваме негативните и создаваме многу позитивни ситуации“.
„Ако сметаме дека треба да станеме член од големото европско семејство, тогаш и тоа како треба да се насочиме кон ширење на љубов наместо омраза, на било која основа, значи не само на етничка. Треба да се почитуваме повеќе и да почнеме да ги разбираме вистинските европски вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите сите заедно и да градиме едно општество за сите“, вели Димковска во втората видео порака Сите заедно да градиме едно општество за сите.
Во третата видео порака, актерката Владанка Димковска ги повика младите да застанат во одбрана на различностите и да покажат дека нашето општество може да биде обединето во своите различности: Ние младите да застанеме храбро во одбрана на различностите.
Актерката Несрин Таир во видео порака за Иницијативата „Обединети во различноста“ повикува да се обединиме во различностите и ја искажа својата верба дека во нашата земја има многу човекољупци. Таа во своето обраќање, го цитира нашироко познатиот турски уметник, Зулфи Ливанели, инспириран од една мисла на Достојевски, вели дека Убавината ќе го спаси светот…
„Имајќи предвид дека секоја една индивидуа, сама по себе и секоја една нација може бесконечно да расте и да се развива и културолошки, интелектуално и духовно и општествено. Ние ќе мора на крајот на краиштата да се обединиме во различностите, затоа што само така ќе можеме да одиме понатака. Национализмот е многу штетен, и за едно општество и за секоја индивидуа поединечно, затоа што разбудената национална свест не заслепува и не оневозможува да може да ги согледаме и да ги вреднуваме културните и традиционалните вредности на другата нација“, вели Несрин Таир во втората видео порака Национализмот е многу штетен, и за едно општество и за секоја индивидуа поединечно.
Подготвени сме да се обединиме сите во различностите, порачува Несрин Таир во третата видео порака за Иницијативата.
Лиса Баута Шаќири, правничка и активистка, во видео порака за Иницијативата „Обединети во различноста“ повикува да се обединиме во различностите и заеднички да придонесеме за развој на нашето општество.
„Доколку не се занимававме со национализам, ние денеска ќе разговаравме за глобални прашања за унапредување на човештвото. Е сега, ако имаме аспирации за членство во ЕУ, треба да живееме во европски дух, обединети во различностите со сите. Да бидеме обединети во различноста и сите заедно да придонесуваме за развојот на нашето општество и држава“ порачува Лиса во видео пораката Сите заедно да придонесуваме за развојот на нашето општество и држава.
Национализмот и меѓуетничката омраза ни одзема многу енергија. Сиот потенцијал што го имаме како народ што живее во оваа земја, со нашите сограѓани, со меѓусебна доверба и со заеднички дела независно од нашите различности, можевме да работиме малку повеќе и сета таа енергија да ја канализираме за нашата држава и општество да одат напред, порачува Лиса Баута Шаќири во видео пораката Национализмот и меѓуетничката омраза ни одзема многу енергија.
Во Европа, недостатокот на национализам не значи дека луѓето таму не си го сакаат народот или нацијата, напротив, тие промовираат вредности што ги имаат како свој бекграунд, и ги обединуваат во едно пошаренолико општество, и се развиваат како европска култура и општество, вели Баута Шаќири во третата видео порака Недостатокот на национализмот не значи дека луѓето не си го сакаат народот.
Новинарот Рамуш Муарем-Цирко во видео порака за Иницијативата „Обединети во различноста“ повикува да се обединиме во различностите како единствен лек од опасната болест национализам.
Национализмот е една колективна или индивидуална параноја. Всушност ако сакаме да ја дефинираме или да го илустрираме тој национализам, всушност јас ја гледам како една дива река, буквално баш како дива река која неконтролирано се движи по нејзиниот тек, и ако ги споредиме со временските услови кога на пример има врнежи од дожд, тогаш тие притоки или случувања во општеството придонесуваат тој национализам да порасне како нивото на таа дива река, и да почне да се излева на сите страни и едноставно веќе кога доаѓа до тој момент, се губи секоја контрола и тука нема враќање, вели Рамуш Муарем во видео пораката Сите треба да го следиме патот што води кон обединување.
Петрит Сарачини, новинар и кантавтор, во видео порака за Иницијативата „Обединети во различноста“ повикува да се обединиме во различностите за да има правда, еднаквост и слобода за сите.
„Мислам дека треба повеќе да ги истакнуваме, од нив да градиме парадигми или примери коишто ќе бидат употребени од целото општество за тоа како навистина работите може да се прават и подобро, и заеднички“, порачува Сарачини во видео пораката Правда, слобода и еднаквост за сите.
Национализмот не дели и не враќа во минатото. Да се обединиме во различностите и да одиме кон иднината, вели Сарачини во втората видео порака Да се обединиме во различностите и да одиме кон иднината.
Новинарот и активист Дехран Муратов, ЦИВИЛ, во видео порака за Иницијативата „Обединети во различноста“ повикува да се обединиме во различностите и да му ставиме крај на национализмот.
„Национализмот и етничката омраза се како крлежите, односно, колку човекот му дозволува да биде во неговото тело, односно во неговата кожа, и да му ја цица крвта, толку повеќе му наштетува на неговиот организам. Затоа национализмот треба да се отстрани, како што треба да се отстрани крлежот“, вели Дехран Муратов во видео пораката Национализмот треба да се отстрани како што се отстранува крлеж.
„Различноста е богатство и предност во секоја смисла на зборот. Различноста е богатство во секое место, во секое време, во секоја ситуација во животот. Ако сте го пропуштиле вчерашниот ден, не значи дека не можете да станете подобри луѓе, да ја почитувате различноста кај другите, од денеска! Од сега!, е пораката на Џабир Дерала, новинар и писател, во видео пораката под наслов Почитувајте, станете подобри луѓе од денеска, од сега!
ДИРЕКТНИ ОДГОВОРИ НА ГОРЛИВИ ПРАШАЊА
Ликовниот уметник и дизајнер Зоран Кардула даде посебен и богат придонес со своите уметнички и дизајнерски дела што ги креираше специјално за Иницијативата „Обединети во различноста“ , како и со интервјуто под наслов „Мора да покажеме зрелост и сите заедно да осудиме секаков вид на говор на омраза, тука нема компромис“.
Тој ги искажа своите мисли и ставови што се однесуваат за национализмот, различностите, меѓуетничката омраза и позитивните и негативните фактори што влијаат врз овие прашања, и како да се надминат истите.
„Во нашата земја постојат стереотипи и предрасуди врз основа на било која различност, вклучувајќи ја и етничката. Одговорноста е на политичарите, но и на секој од нас како поединец. Како да се надминат? Јас би рекол, никогаш не гласајте националистички партии, како прво. Второ, учете ги децата да ги прифаќаат различните од себе. Почит и взаемна доверба е неопходна во градење на добри меѓучовечки односи“, вели Кардула и заклучува: „Никогаш не сум можел да го разберам национализмот и нетрпеливоста кон другиот само затоа што припаѓа на друг етникум. Имаме еден живот и да го потрошиме на таква баналност е недозволиво“.
Со оглед на тоа дека образовниот систем често се посочува како извор на етнички предрасуди и стереотипи во интервјуто „Кога истакнуваме различности, да ги истакнуваме како позитивни вредности“, Министерката за образование и наука, Мила Царовска, се фокусиравме на предизвиците и промените во образовниот систем соодветни на националните интереси – изградба на мултикултурно општество во кое се негуваат европските вредности.
„Ги повикувам сите граѓански организации, сите медиуми, да внимаваме на кој начин, и што пласираме. Дека сето она што го пласираме, треба да води кон единство, а не кон разединување. Дека кога истакнуваме различност, треба да ја истакнуваме позитивно, а не да се трудиме во што понегативна да се каже за другата страна. И на тој начин, ако работиме на повеќе фронтови, и во културата и во образованието, и во граѓанскиот сектор во општеството, секако сето тоа го пласираме преку медиуми, коишто тие медиуми преносот на тие информации ќе го прави на најпозитивен начин што може, тогаш сметам дека ќе создадеме една атмосфера на единство и на позитивен развој“, порачува меѓу другото министерката за образование, Мила Царовска, во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.
Сашо Орданоски, политички аналитичар, во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА под наслов „Играњето со национализмот е многу опасно, евроинтеграциите подразбираат соработка, а не конфронтации“, ги разобличува поттикнувачите на меѓуетнички конфликти, националистичките агенди и тесната поврзаност на политичките и општествените структури, вклучително и медиумите, во градењето позитивни или негативни контексти во доменот на меѓуетничките односи.
„Јавните интелектуалци, оние кои што се вклучени во која било сфера од животот која влијае врз политичката агенда ја немаат таа можност, бидејќи одговараат за она што го прават и советот е се разбира секогаш да се биде свесен дека зборот може да направи и многу корист и многу штета, во зависност од тоа како што се употребува таа јавна позиција. Иако конечно нема забранети теми но има забранет начин на кој се дискутираат теми, а тоа пред сѐ се однесува на неаргументирани работи, ширење на лаги, ширење на заговори и така натаму, и сè до она ниво кога експлицитно се работи за ширење на говор на омраза“, вели Орданоски.
Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата и еден од креаторите, а сега и одговорен за спроведување на една од најзначајните стратегии во нашето општество – „Едно општество за сите“, во интервјуто „Негувањето на меѓуетничките односи нема алтернатива“ говори за меѓуетничките односи, за стратегијата и за предизвиците. Неговиот вообичаено одмерен вокабулар не ги крие вистинските состојби, но во своите одговори тој ги претставува и решенијата. Иако проблемите во сферата на односите меѓу заедницата се бројни и големи, за Алаѓозовски тие очигледно не се непремостливи.
„Сакам да кажам дека начинот на којшто медиумите известуваат е многу битен. Од тие причини нам ни треба едукација и подобрување на медиумската писменост од аспект на интеркултурализам и намалување на говорот на омраза и предрасудите. Подобро екипирање на редакциите, на помалите и на другите заедници, но исто така и активна соработка меѓу нив, за да не се случи српската редакција да известува на еден начин за нешто што се случило, не знам, во Призрен, а албанската редакција на друг или турската на трет начин. Секако, битни се посебните погледи, но принципите на добро известување треба да се присутни. Тука треба да се зајакнат и сите ставови од етичкиот кодекс што се однесуваат на меѓуетничките односи“, вели Алаѓозовски во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛ МЕДИА направи интервју со Џелал Хоџиќ, заменик директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците во РСМ, во кое тој зборува за состојбата на меѓуетничките односи во нашата земја, оптимизмот дека можеме да напредуваме и да научиме да живееме во заедништво, како и за штетноста од национализмот.
„Национализмот или она што јас го нарекувам примитивен национализам не носи среќа за никого, дури ни за оној кој го продуцира. Сите заедно треба да сфатиме дека РСМ е наша заедничка држава и сите има е свое место во неа и треба да направиме да ни биде доста подобро и поудобно за сите нас. Толеранцијата е доста важна да се продуцира и секој треба да зеде одговорност за своите постапки. Она што е важно, но не значи дека не треба да се бориме за правата кои ни следуваат според Устав и закон да ги спроведеме или да се бориме и за промена на закони евентуално, само треба да бидеме свесни дека нашето право не треба да ограничува нечие друго право, вели Хоџиќ во интервју за Иницијативата „Обединети во различноста“. Целото интервју може да се проследи на следниот линк:
Беса Арифи е универзитетска професорка со која ЦИВИЛ МЕДИА направи интервју под наслов „Начинот на кој се однесуваме кон другиот е многу битен за односот што го градиме во општеството“.
„Секој од нас може да направи многу во надминувањето на тие стереотипи, иако не зборуваме за конкретни професии, секој од нас е човек којшто има односи со други луѓе на разни начини. Во својот дом, во местото каде живее, со луѓето со коишто се гледа секој ден. Начинот на кој се однесуваме кон сите други што доаѓаат од други етнички заедници, е многу битен за тоа каков однос градиме во општеството. Исто така, мислам дека ние, како интелектуалци, како луѓе што имаат одредена професија и работат во одредени институции, особено ние што работиме во образовните институции. Мислам дека е многу важно да пренесеме такво видување кон светот, коешто отвора размислување, а не затворени размислувања, затворени умови, затворени мислења коишто едноставно само сеат страв и предрасуди кај луѓето“ – потенцира професорката Арифи.
VOX POPULI
ЦИВИЛ ги праша граѓан(к)ите дали има етнички поделби, кој ги предизвикува и како да се надминат тие поделби? Одговорите на граѓаните се дека луѓето знаат да живеат заедно, меѓутоа политичарите се виновни за етничките поделби во нашето општество.
„Политичарите влегуваат во политиката како голтари, а излегуваат како милионери. И лесно е со овој сиромав и напатен народ да се манипулира кога си енормно збогатен преку ноќ. Секој ден гледаме како се случуваат некои работи и како политичарите се поштедени, а цехот го плаќа обичниот народ“, вели еден граѓанин.
„Со етничките поделби доаѓаат лошите работи, зошто да не живееме сите заедно кога сите сме од крв и месо. Треба да живееме сите сложно, меѓутоа има разни карактери и не може да ги ускладиш да биде баш така како што сакаме ние“, вели една граѓанка.
„Обичните луѓе треба да живеат како што живееја со години, а тие таму што ги прават етничките поделби заради некои други интереси ќе си продолжат така, бидејќи тоа е од век и веков. Но, народот треба да живее во слога. Јас сум живеела во турско маало и со сите сме се дружеле и како дете сум научила турски јазик. Денес се дружам со сите, до сите етнички и верски заедници и немам никакви проблеми, сè си тече нормално. Животот кај обичните луѓе не е проблем, обичните луѓе брзо си воспоставуваат комуникација, но некој друг ги тера да создаваат омраза“, потенцира една граѓанка.
„Етничката омраза ќе се надмине ако луѓето сами се надминат, односно да не мислат само на себе туку да мислат и на другите“, изјави една граѓанка пред камерата на ЦИВИЛ МЕДИА.
Еден граѓанин смета дека етничките поделби ги прават оние кои без никакво образование влегуваат во парија и не знаат што е политика.
КРАТКО И ЈАСНО, ЗА ОБЕДИНУВАЊЕТО НА РАЗЛИЧНОСТИТЕ
За тоа колку и дали е возможно да се обединат различностите во нашето општество, зборуваа и Александар Кржаловски, Мухамед Точи, Санела Шкријељ, Љатифа Шиковска, Жаклина Мучева, Снежана Трпевска и други.
„Сум присуствувал на многу такви епизоди на навидум не помирливи различности почнале да соработуваат. На почетокот беа тоа родовите прашања, мажи –жени и дали се разбираме, потоа верските заедници, на пример, како потешка целна група, но која демонстрира дека кога сака навистина може да биде пример за соработка за останатите, преку толеранција на едните кон другите, за коегзистенција на различностите. Во последно време станува актуелно со борбите во Сирија и повратниците од таму и зголемувањето на тероризмот, па во споредба со нашиот конфликт во 2001 и соработката на поранешните борци од ОВК и луѓе од нашите безбедносни сили, значи се демонстрира дека сето тоа може да функционира, дури и луѓе кои се гледале преку нишан на некој начин да почна да соработуваат заедно. Мислам дека тоа многу повеќе треба да се промовира и негува во нашата држава и да се сузбие, иако сметам дека во моментот не е толку проблем било каква друга нетолеранција или различност, најголема е политичката и треба таа примарно да ја надминеме“, изјави Александар Кржаловски, извршен директор на МЦМС.
„Ние различностите ги сфаќаме како нешто што е вештачки создадено во општествените односи, луѓето да се разликуваат врз база на некакви нивни карактеристики. Се стремиме кон тоа луѓето да ги гледаме на еднаков начин без оглед на нивните карактеристики по било која основа, да имаат еднакви права и да ги развиваат во личниот живот во општествените односи, тоа е она што не интересира во нашите истражувања.
Ги истражуваме ситуациите во општеството кои доведуваат до тоа да се продлабочуваат разликите за да најдеме начин како конкретно за да направиме некоја промена за да луѓето бидат еднакви. Во таа смисла го набљудуваме тој проблем на обединување на различностите“, изјави Снежана Трпевска, истражувачка во РЕСИС.
„Различностите се богатството на едно општество. Она што ние како институции, заедно со граѓанските организации, заедно со секоја индивидуа треба да се бориме да го направиме е дека секој и дека секоја од различностите треба да има еднакви можности и еднаков пристап во општеството. Јас цврсто верувам дека заедништвото на различностите е возможно“, изјави Санела Шкријељ, шефица на Кабинет во Министерството за образование и наука.
„Ние години наназад и граѓанските организации, работиме во однос на соработка, толеранција, хуманост меѓу различностите, затоа што тоа нѐ прави многу поквалитетни, затоа што сите ние сме исти без разлика на која етничка група припаѓаме. Сите ние, особено надлежните институции, власта, политичарите, треба што побрзо да го сфатат ова, затоа што само заедно можеме да постигнеме повеќе резултати, подобар живот за сите. Пред сѐ треба да имаме почитување едни кон други во однос на различностите… Сите сме исти, сите сме еднакви и сите заслужуваме еднакво општество“, изјави Љатифа Шиковска, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија.
„Сите во суштина сме исти, но различни сме по едно нешто, по две нешта, по неколку нешта, но сепак, ние сите сме луѓе, можеме да се обединиме за различни цели и можеме сите заедно да направиме нешто што ќе не води напред. Мислам дека треба малку повеќе невладиниот сектор да влијае на граѓанството, да се прават кампањи токму во таа насока и мислам дека сѐ она што досега е правено е со оценка која задоволува, но не сме уште на некој степен кој што не води кон тој прогрес. Затоа што од другата страна се работи за освестување и развивање на граѓанската свест кога станува збор за обединување на различностите. Се сеќавам дека пред многу години кога зборувавме на овие теми бевме многу назад во однос на другите држави. Чекориме споро, но сепак одиме кон оние кои се и наша цел, а тоа се земјите во кои што различностите навистина се на едно исто ниво“, вели Жаклина Мучева, од Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
„Поентата е колку побрзо ние сфатиме дека без разлика што сме различни еден од друг по било која основа, можеме да придобиеме од учењето на различните од нас. Тоа не прави побогати во умеењето и снаоѓањето со сите предизвици што ние ги имаме. Ова не го зборувам како претставник на некоја граѓанска организација, туку го зборувам како обичен граѓанин, како индивидуа. Секој од секого може да учи. Ова ние го утврдивме преку различните проекти што ги имавме со млади, деца и средношколци. Еден од нашите проекти беше меѓусебно да се запознаат кои се традициите, култура, што е обележјето за секоја етничка заедница. И тогаш утврдивме, преку работа со средношколци, дека малку се знаењата меѓусебни на ладите луѓе, без разлика дали се дружат во исто училиште, сепак малку знаат едни за други, за културата на другиот, за јазикот, за обичаите… Колку повеќе ние како граѓански организации, државата воопшто, работи во зближувањето на различностите, но секоја со својата различност може да остане, меѓутоа ќе биде побогат ако го запознае другиот“, изјави Мухамед Точи од здружението „Месечина“.
Дијана Тахири
Оваа вест е достапна и на: English