Соопштение на МВР во врска со информациите за непостоечки адреси во Избирачкиот список

По изнесувањето на информациите на некои невладини организации дека поголем број граѓани во Општина Кисела Вода во Избирачкиот список биле заведени на непостоечки адреси за кои поседувале и лични карти, Министерството за внатрешни работи ги изврши проверките за евентуални неправилности при издавањето на истите.

Во системот и картотеката за лични карти направени се проверки за годината кога прв пат лицата биле пријавени на наведената адреса, односно улицата „Михаил Чаков“ каде што бројот на влезот е поголем од 3 и бројот на станот е поголем од 17, како што беше наведено од невладините организации.

Утврдено е дека станува збор за 54 лица,кои поседуваат лични карти од поодамна, односно сите тие имале претходни лични карти на истата адреса. Личните карти на тие адреси се издавани во периодот на претходното раководство на Министерството за внатрешни работи, но има и такви кои за прв пат се издадени во 90-тите или 80-тите години.

Согласно Законот за личната карта (Службен весник на Република Македонија број 166/2012) како и согласно Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, не е предвидена обврска за приложување односно докажување на живеалиштето и адресниот податок во постапката за промена на лична карта заради изминат рок. Ваква обврска е предвидена само при промена на живеалиште или промена на адресен податок. Во тој случај задолжително е со барањето за лична карта да биде приложен и доказ за основот за промената (купопродажен договор, договор за закуп, лична карта од сопруг или родители и слично) каде е запишана адресата. При поднесување на барањето за лична карта граѓаните имаат обврска да ја проверат точноста на податоците внесени во апликацијата и да реагираат ако има недоследности во истите, што не било случај кај лицата кои беа предмет на проверка.

МВР апелира невладините организации да не креираат атмосфера со која би се фрлил сомнеж на претстојните избори или би се дискредитирала вољата на граѓаните. МВР ги охрабрува невладините организации и претставниците на опозицијата да побараат одговори и одговорност од претходните раководства на Министерството. МВР во иднина им стои на располагање на невладините организации за проверка на сомненијата за да не би се доведувала јавноста во заблуда.

Напоменуваме дека непостоењето на целосен адресен регистар кој покрај улиците ќе ги содржи и броевите и објектите, становите, сите краци на улиците честопати предизвикува проблеми па во тие случаи странките се упатуваат да достават точни податоци од надлежен орган Град Скопје сектор за Урбанизам.

Во тек е измена на Законот за живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и едно од размислувањата е дека ќе треба при секое вадење на лична карта да се приложи доказ за живеалиштето и адресата. Тоа нема да предизвика посебни трошоци за граѓаните, а ќе овозможи добра и точна евиденција.