ЦИВИЛ го започна проектот Направи разлика: Почитувај ги различностите во соработка со Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург. Проектот е продолжение на минатогодишната извонредно успешна иницијатива Обединети во различноста.
Направи разлика: Почитувај ги различностите е проект за промовирање на мултикултурализмот и европските вредности. Проектот има цел да ги ублажи разорните последици од етничката омраза и антизападните кампањи, преку кампања за јакнење на јавната свест, медиумска продукција и настани што ќе се фокусираат на позитивните пораки за мултикултурализмот и европските вредности.
Во месеците што доаѓаат, ЦИВИЛ ќе покани јавни личности, креатори на јавното мислење, експерти, политичари и граѓанки и граѓани да зборуваат за различностите и европските вредности.
„Проектот Направи разлика: Почитувај ги различностите е одлична можност да научиме едни за други и да зборуваме за убавината на различностите. Тоа ќе им даде глас на мнозинството луѓе кои ги прифаќаат европските вредности и македонската иднина во ЕУ.
Сите ќе испратиме силна порака против национализмот. Македонското општество е мултикултурно, мултиконфесионално и мултиетничко. Овој факт на реалноста е убавина и голем потенцијал“ – изјавуваат од ЦИВИЛ.
Различностите се голем потенцијал за просперитет и благосостојба на сите поединци и заедници во општеството кое живее во хармонија со себе. Различностите ја поттикнуваат креативноста и ги зголемуваат шансите за успех во сите сфери во општеството, вклучително и економијата, социјалната благосостојба, културата, образованието и многу други аспекти. И… Тоа е Европа.
Како и секогаш, ЦИВИЛ останува отворен и ги поздравува сите прилози со прашања, коментари, написи, фотографии и видеа во контекст на различностите.
Да направиме разлика и да ги почитуваме различностите! Да работиме за мир и просперитет, а истовремено, да уживаме во богатството на нашите различни култури, традиции и јазици.
Оваа вест е достапна и на: English