ЦИВИЛ со дебата и во Гевгелија: Пописот е статистика, а не политика

По извонредните дебати во Штип и Гостивар, на рутата на јавни настани во организација на ЦИВИЛ се најде и Гевгелија. „Попис: Статистика, не политика“ е насловот на панел дискусијата што ќе се одржи и во Гевгелија, в среда, на 11 март 2021, во Домот на културата, со почеток во 13 часот.

Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.

Во фокусот на панел дискусијата е потребата да се одвои политиката од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. За јавноста е важно да се слушнат ставовите на учесниците од различни градови во нашата земја, да споделат информации за подготовките на пописот и неговото значење за развојот на општините, економијата, стопанството и градењето политики и практики на локално и национално ниво.

Панел дискусијата ќе трае еден час. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.

Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.

ЦИВИЛ Тим за комуникации