Независните кандидат(к)и со сериозни поплаки за медиумската застапеност, 10 „оброци“ на изборното политичко „мени“, ЦИВИЛ со презентација на предизборен извештај в петок, на 15 октомври, важни најави за набљудувачите и други важни информации во 13. издание на Изборен рапорт
Во живо од прес студиото на ЦИВИЛ, 11 октомври 2021, 12:40 часот
Честит 11 Октомври, Ден на народното востание! Да се надеваме дека ќе имаме ден во кој политичките партии, онака празнично, ќе покажат малку повеќе почит едни кон други.
ИЗВАДОК ОД ИЗБОРНИОТ РОКОВНИК
Изминаа две недели од изборната кампања. До изборите имаме уште шест дена кампања.
Изборниот молк започнува на 16 октомври (сабота) на полноќ. Првиот круг од локалните избори ќе се одржи в недела на 17 октомври. На 16 октомври гласат лицата во притвор и на издржување казна затвор, болните и немоќните и лицата болни од КОВИД-19 или во самоизолација.
На 9 октомври (сабота) на полноќ заврши рокот за пријавување за гласање на болните и немоќните, а рокот за лицата со КОВИД -19 или во самоизолација трае до вечерва (11 октомври) на полноќ.
ЦИВИЛНИ ВЕСТИ
ПРЕДИЗБОРЕН ИЗВЕШТАЈ ЦИВИЛ ќе го презентира Извештајот од долгорочниот изборен мониторинг и препораките на организацијата на 15 октомври (петок), во живо, со почеток во 12:30 часот на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на организацијата.
ОБУКИ Голем дел од предвидените набљудувачи на ЦИВИЛ поминаа низ интензивна викенд обука за време на викендот 9 и 10 октомври.
Преостанатите набљудувачи ќе имаат онлајн обука в среда, во 17 часот на платформата Зум. ЦИВИЛ ги повикува сите набљудувачи да бидат на располагање и редовно да ја проверуваат својата електронска пошта за нови материјали и насоки за мониторингот на 17 октомври.
СОРАБОТКА И РАБОТЕН АНГАЖМАН ЦИВИЛ е отворен за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].
СУМИРАЊЕ НА ПРВИТЕ ДВЕ НЕДЕЛИ ОД ИЗБОРНАТА КАМПАЊА
Во изминатите две недели, мониторинг тимовите на ЦИВИЛ бележат претежно мирна кампања, но исполнета со многу случаи на црна пропаганда, дезинформации и говор на омразата од која не се воздржуваат ни партиските лидери и високите партиски функционери на одредени политички партии, актуелни и поранешни пратенички и пратеници.
Повторно, како и во времето на режимот кога поранешниот премиер се закануваше дека ќе крева на клоци „разни хојтевци и катици“, така и сега одредени политичари се закануваат со насилство и апсења. Тоа, впрочем, не е новост во јавната комуникација на одредени политички ентитети.
ИЗБОРНО ПОЛИТИЧКО МЕНИ
Освен редовните активности на политичките партии и независните кандидат(к)и, на изборното политичко мени се наоѓаат и следните оброци:
-
Црна пропаганда, дезинформации и говор на омразата
-
Злоупотреба на деца во политичка кампања
-
Злоупотреба на службената положба за изборни цели, со притисок врз вработените во една образовна институција
-
Злоупотреба на службените простории за изборни цели
-
Политизација на дел од граѓанските организации
-
Кршење на препораките и протоколите за заштита од КОВИД-19
-
Одбивање дебата во јавноста
-
Случај на дискриминација во застапеност во медиумите
-
Насилни инциденти: уништување рекламен материјал и тепачка во Градско, пукање пред изборниот штаб на ДУИ во Чаир, експлозија на бомба во дворот на кандидат за советничка листа во Шуто Оризари.
-
Црна пропаганда, родова дискриминација и груба повреда на приватноста во случајот со Фејсбук страница во поддршка на кандидат на Левица.
ИЗБОРНА БОРБА НА „ЖИВОТ И СМРТ“
Уште од самиот старт, ЦИВИЛ констатира дека изборната кампања е извонредно динамична, со жестоко темпо за сите учесници во изборната трка.
Во изборната кампања се вклучени сите ресурси на политичките партии, почнувајќи од општинските партиски комитети до лидерите и високите функционери на политичките партии.
Очигледно е и тоа дека локалните избори повторно добија карактер како да се води борба на живот и смрт.
Во анализите на ЦИВИЛ се истакнува констатацијата дека во изборниот процес доминираат национални теми иако се работи за локални избори. Лидерите и високите функционери на политичките партии доминираат во кампањата, иако не се кандидати во изборната трка за локална власт.
ЗАБЕЛЕШКИ ОД НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ
Дел од независните кандидати, во комуникација со Цивил, изнесоа бројни забелешки за нивната положба во изборниот процес. Денеска ќе цитираме само три од повеќето забелешки упатени досега.
1) Независните кандидати на локалните избори немаат простор за маркетинг и дебата во медиумите.
2) Не постојат можности за користење билборди на ударни места во општините. Во таа привилегија уживаат само големите политички партии
3) Независните кандидати сметаат дека се маргинализирани во однос на дефинирање на бројот кој се заокружува на гласачкото ливче.
Цивил овие состојби ги бележи со години наназад и дел од препораките што досега се упатени до институциите и политичките партии се однесуваат на барањата да им се даде повеќе простор и фер можности на помалите политички партии и независните учесници во изборните процеси.
РОМСКА „ЈАВНА СОБА“ НА ФЕЈСБУК
ЦИВИЛ со голема вознемиреност ја проследи појавата на т.н. „ромска јавна соба“.
На 21 август 2021 година, на социјалната мрежа Фејсбук се појави фан страна која има над 1.600 следбеници, на која се објавуваат компромитирачки и експлицитни приватни фотографии и видеа од девојки.
На Фејсбук страницата исто така е објавен и повик за собирање на експлицитни фотографии и видеа од жени и девојки за нивно објавување и, како што е наведено во објавата, „јавно прикажување на нечесните жени“. Исто така, администраторот на страницата во неколку објави ги прашува следбениците: „Сакате ли да го видите видеото без цензура на …“
На истата Фејсбук страница се споделуваат и политички содржини, односно поддршка за кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Тефик Махмут од Левица, додека за неговите противкандидати има црна кампања и говор на омраза…
ЈАВНА ОСУДА
ЦИВИЛ остро го осудува овој грозоморен чин на злоупотреба и повреда на приватноста, предизвикувањето на омраза по родова основа, како и црната кампања и говорот на омразата на политички основи на споменатата Фејсбук страница.
Во петокот (08.10.2021), ЦИВИЛ ја пријави Фејсбук страница во Министерството за внатрешни работи, Одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Основното јавно обвинителство за итно да преземат мерки, односно да ја изгаснат оваа страница и да ги откријат администраторите на страницата, и соодветно да ги санкционираат.
До почетокот на денешното издание на „Изборен рапорт“ (12:40 часот), Фејсбук страницата е сè уште онлајн.
ФИНГЕРПРИНТ АПАРАТИ, ГАРАНЦИИ И ОДГОВОРНОСТ
Во сабота на 9 октомври во ДИК пристигна и последната пратка од 1.300 апарати за отпечатоци од прсти. Вкупниот број на апаратите е 4.000 кои на денот на изборите, 17 октомври, а ќе бидат распоредени на 3.480 гласачки места. Биометриската опрема за гласање ќе се примени за прв пат на овие локални избори.
Претседателот на ДИК на 4 октомври изјави дека локалните избори ќе бидат добро организирани, но дека не може да гарантира како ќе се одвива техничкиот дел со примена на терминалите за идентификација бидејќи тоа се случува првпат и немало пилот примена.
Нема гаранции, но одговорни секако има или би требало да има.
Нека ни е со среќа на сите.
Џабир Дерала, во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ
Камера: Игор Чадиноски
Реализација: Ариан Мехмети
Оваа вест е достапна и на: English