Оценка на ЦИВИЛ за изборниот процес и денот на гласање во првиот круг

Политички контекст

Изборниот процес во Република Македонија се карактеризира со голем број случаи на нерегуларности и максимална злоупотреба на јавните ресурси, придружен со сериозни слабости на Избирачкиот список и структурно насилство на повеќе нивоа кои го нарушуваат демократскиот процес и квалитетот на работата на демократските институции.

Изборната кампања беше остра и непринципиелна, додека повиците на јавни дебати меѓу учесниците во изборната трка владејачката партија ги игнорира веќе подолго време. Кампањите започнаа пред законски определениот рок и се водат агресивно и во голем дел, без бирање средства за дискредитација на политичките ривали. Особено остар и дискредитирачки вокабулар се забележува кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додека настапите на лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, се карактеризира и со вулгарности.

Претседателските избори, меѓу останатото, ги одбележа и повикот на Демократска унија за интеграција (ДУИ) Албанците да ги бојкотираат претседателските избори, откако не успеа да постигне договор со својот коалиционен партнер во Владата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ за избор на консензуален кандидат за претседател. Несогласувањата на меѓуетнички план меѓу коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ доведе и до распад на владата и свикување вонредни парламентарни избори, а етничките теми уште еднаш станаа доминантни во острите настапи на партиските лидери на владините коалициони партнери. Воедно, одреден круг на познавачи на состојбите, предвремените парламентарни избори ги сметаат за договорен маневар на коалиционите партнери во владата.

 

Текот на изборниот процес и денот на гласање во првиот круг

Манипулациите и говорот на омраза беше јасно изразен и присутен во провладините медиуми, како и преку социјалните мрежи каде говорот на омраза, вулгарностите и грубиот речник се карактеристика на медиумски истакнати апологети на политиките на владејачката партија.

Децата и младите беа злоупотребувани на различни начини од кои најалармантна е нивната злоупотреба преку образовните институции. Училиштата ги организираа или ги охрабруваа учениците да учествуваат на партиските митинзи низ земјата. Со организиран превоз, голем број ученици патуваа низ земјата, а нивното отсуство не беше евидентирано во училишните администрации.

Набљудувачите на Цивил открија низа недоследности и слабости во Избирачкиот список кои фрлаат сериозен сомнеж за квалитетот на спроведување на изборниот процес во целост. Само Цивил со својата малубројна екипа успеа да открие голем број непостоечки адреси, односно гласачи и починати лица на Избирачкиот список. Самиот Избирачки список, според набљудувачите, внесува хаос и со разместувањето на избирачките места или самите гласачи на денот на гласањето во првиот круг. Избирачките списоци на Државната изборна комисија не секогаш кореспондираат со оние на Општинските изборни комисии, а со тоа и избирачкиот материјал, односно бројот на гласачките ливчиња не се совпаѓа со централните бројки. Така, се открива дека бројките на ДИК и ОИК Велес имаат разлика од илјада гласачи во полза на списокот на ОИК Велес. ДИК не успеа да даде одговор за непостоечките адреси во Избирачкиот список, повикувајќи се на одговорноста на Министерството за внатрешни работи, додека МВР, пак, одговорноста ја префрли на слабостите во законската регулатива и на претходните (СДСМ) раководства на тоа министерство.

Границата меѓу институциите на системот и партијата на власт на центално или на локално ниво е избришана, како во претходните изборни процеси во Република Македонија, така и во текот на овие избори.

Притисокот на владејачката партија врз Цивил преку провладините медиуми и во официјалните соопштенија беше силен, крајно непринципиелен и со заканувачки тон. Се нотира и попречувањето и притисоците врз 13 набљудувачи на Цивил на денот на гласање, од кои во еден случај имаше обид за физичко насилство од партиски активист, а во еден случај имаше навреди на етничка основа, исто така од партиски активист. Во останатите случаи имаше притисок, попречување на набљудувањето, испрашување и провокации од страна на Избирачките одбори.

Во попладневните часови на денот на гласањето се интензивираа извештаите на набљудувачите на Цивил од теренот дека Избирачките одбори на глас ги читаат имињата на гласачите што е своевиден притисок врз гласачите. Семејното и групното гласање беа забележани во најмалку петнаесет избирачки места низ целата земја. Уште повеќе случаи имаше во кои асистенцијата при гласањето беше со сомнителен карактер.

Почетокот на денот на гласањето на првиот круг на претседателските избори започна со непријатното сознание за квалитетот на маркерот за обележување на гласачите по системот „еден човек – еден глас“, односно дека тој може да се избрише со обично влажно марамче.

Кршењето на изборниот молк беше евидентно со непрекината агитација по телефон, на социјалните мрежи, во лични контакти со граѓан(к)ите, пишување графити и делење пропаганден материјал буквално во сите краишта на земјата.

Нашите набљудувачи забележаа и неколку случаи на насилство и тепачки, од кои во еден случај, според изјавите од очевидци, пратеникот од коалицијата предводена од владејачката ВМРО-ДПМНЕ Амди Бајрам физички ја нападнал пратеничката на опозициската СДСМ.

До Цивил дојдоа најмалку 20 извештаи за непрописно однесување на Избирачките одбори, вклучувајќи еден случај на агитирање на член на Избирачки одбор и еден случај на присуство само на двајца членови без беџ. Партиските набљудувачи во избирачките места во неколку регистрирани случаи ја преземале улогата на членови на Избирачкиот одбор.

Во извештаите на набљудувачите на Цивил од теренот, како и од пријавите кои дојдоа од граѓан(к)ите, се нотира дека во текот на гласањето на болните, изнемоштените и затворениците имало низа нерегуларности. Во еден случај пријавен во Цивил, на двајца затвореници им било ускратено правото на гласање бидејќи не биле на Избирачкиот список.

До Цивил дојдоа и над 30 пријави за оневозможеност за гласање поради тоа што гласачите не биле на Избирачкиот список, а во два случаи некој веќе гласал на местото на гласачите.

Набљудувачите на Цивил јавија и за присуство на вооружени полицајци внатре во избирачките места во над 20 извештаи.

 

Проект: Слободни избори 2014

Цивил го набљудуваше периодот на предизборна кампања со 50 набљудувачи, додека на денот на гласање се акредитираа 75 мобилни набљудувачи, а на терен излезе приближно исто толкава бројка активисти и волонтери на Цивил и други организации со кои соработува Цивил.

Во текот на денот на гласањето, акредитираните набљудувачи на Цивил опфатија околу 5% од 3,480 избирачки места во речиси сите општини на земјата.

Цивил го набљудува изборниот процес во рамките на проектот Слободни избори 2014, финансиран од Амбасадата на САД, Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Фондација Институт отворено општество Македонија и Форум Цивилен мировен сервис – програма Македонија.

Цивил ќе публикува опширен и детализиран извештај за нерегуларностите во текот на целиот изборниот процес на крајот на проектот. Во меѓувреме, Цивил останува на располагање на јавноста со информации за поединечни случаи на нерегуларности и со анализи на изборниот процес и политичката ситуација во целост.

___

Мислењата, наодите и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите и не нужно ги одразуваат оние на донаторите. 

Оваа вест е достапна и на: Albanian