Насилство во предизборната кампања

Предизборните денови течат, а насилството во изборните кампањи секојдневно расте. Семејството Зекири од скопското село Радишани беше жртва вечерта на 13 април, кога се славеше победата на македонската партија на власт.

imagesГрупа симпатизери по информацијата дека кандидатот на нивната партија води по првиот круг претседателски избори, излегле низ улиците на Радишани и напаѓале недолжни лица кои не се припадници на нивната партија. Сехми Зекири, член на семејството Зекири, во изјава за Цивил раскажува дека целото семејство е трауматизирано од овој настан.

„Го нападнаа мојот постар брат, но камерата ова не го регистрира бидејќи настанот се случи подалеку. Нападот се случи по провокациите кон ова семејство, на кое му довикуваа да си замине од населбата. Ние немаме каде да одиме, нашето семејство има 40 члена. По секој фудбалски турнир или изборен митинг тука избиваат инциденти“, изјави Сехми Зекири.

Тие ја известиле полицијата и очекуваат таа да ги фати напаѓачите. Од Министерството за внатрешни работи велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.

Инцидент вчера се случи и кога претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски вербално беше навредуван од активисти на друга политичка партија. Тоа се случи за време на митингот што тој го одржа во скопската населба Лисиче. Од МВР велат дека станува збор за активисти на ВМРО-ДПМНЕ и дека против нив ќе биде поднесена соодветна пријава

На денот на гласањето, 13 април, имаше напад врз потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска. Пратеникот Амди Бајрам и неговиот син физички ја нападнаа Шекеринска и се обидоа да ја избркаат од гласачкото место во Шуто Оризари, иако таа беше акредитирана како партиски набљудувач.

ЦИВИЛ го промовира принципот на НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ. Изборното насилство е неприфатливо и дрско нарушување на демократските принципи и грубо ги крши човековите права и слободи. Тоа е забрането со закон и неморално и мора веднаш да му се стави крај, а престапниците инволвирани во досегашните насилства треба да бидат најостро санкционирани.

Арбана Ќерими