ЦИВИЛ најостро го осудува изборното насилство во последните неколку дена по завршувањето на денот на гласање. Насилството во неколкуте инциденти имаше и етнички и политички карактер и е во јасна врска со изборниот процес.
Ги повикуваме сите релевантни институции и политичките партии веднаш да преземат решителни мерки за смирување на состојбите и превенција од какво и да е насилство. Бараме од институциите и политичките лидери да упатат искрени и недвосмислени пораки на осуда. Се лажат поединците или групите кои сметаат дека со насилство и етничка омраза можат да влијаат на подобар изборен исход за нивната партија. Тие ќе бидат запаметени како криминалци и насилници, а не како патриоти и политички зрели граѓани.
Изборното насилство е неприфатливо и дрско нарушување на демократските принципи и грубо ги крши човековите права и слободи. Тоа е забрането со закон и неморално и мора веднаш да му се стави крај, а престапниците инволвирани во досегашните насилства треба да бидат најостро санкционирани.
Ги повикуваме институциите, партиите и медиумите да излегуваат со јасни и објективни информации и ставови во поглед на изборното насилство и да не се обидуваат да ја сокријат вистината од јавноста.
ЦИВИЛ го промовира принципот на НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ. Секој облик на притисок или насилство, секој нелегитимен потег во текот на изборниот процес го сметаме за агресивен атак на демократијата, владеењето на правото и кршење на човековите права и слободи.
Оваа вест е достапна и на: Albanian