Цивил организира панел дискусија на тема „Зад димната завеса: Белоруските медиуми во стисокот на Лукашенко“ денеска, петок, 26 август, со почеток во 14:30 часот. Организацијата најавува ексклузивно гостување на белоруските новинарки Ксенија Халубович и Алена Наскович, како и медиумскиот експерт д-р Волфганг Ресман од Германија. Работен јазик на настанот е англискиот.
Минаа две години по масовните протести во Белорусија, по изборите во кои Александр Лукашенко прогласи победа, наспроти извештаите за тешки изборни манипулации. Режимот на Лукашенко насилно ги задуши протестите, со апсења и судско-полициски прогон на голем број интелектуалци, новинари и активисти.
Белорусија ѝ ја отстапи својата територија на Русија да ја спроведува својата брутална агресија против Украина. Лукашенко ѝ дозволи на Русија целосен пристап до воените и воздухопловните бази за да спроведува масивни воени операции против соседната, независна и суверена држава. Армиските инсталации на Белорусија се користат за лансирање ракети од тлото на Белорусија против Украина. И руските војници ги користат базите во Белорусија и оттаму ја преминуваат државната граница во инвазијата против Украина.
Во текот на сиот период од авторитарното владеење на Лукашенко, медиумите беа под целосна контрола, а независните медиуми беа затворани, новинарите прогонувани. Таа ситуација само се заостри по целосната инвазија на Русија против Украина од 24 февруари 2022 година.
Белоруските новинарки и новинари се апсат, се прогонуваат, малтретираат, па дури и убиваат од режимот на Лукашенко.
Каква е ситуацијата и кои се перспективите за демократијата и медиумските слободи во Белорусија? Како функционира пропагандната машинерија на Лукашенко? Која е улогата на меѓународната заедница?
Тоа се прашањата на кои Цивил ќе разговара на панел дискусијата што ќе се пренесува во живо на онлајн каналите на ЦИВИЛ, Фејсбук и Јутуб.
ЦИВИЛ Тим за комуникации