ЦИВИЛ: Честит Ден на независноста! Остануваме посветени на човековите права, мултикултурализмот, слободата, мирот и демократијата

ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита Денот на независноста на сите македонски граѓанки и граѓани. На денешен ден, 8 Септември 1991 година, се одржа референдум кој ќе ја поведе земјата кон демократски плурализам, сувереност и самостојност. Во изминатите 31 година, македонската држава мина низ тешки периоди и се соочи со политички, економски, социјални и безбедносни предизвици. Мина и низ тежок период на структурно насилство, загрозување на демократијата и човековите права и слободи, изолација и напуштање на државните стратешки определби.

Македонската држава денес е демократска, мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална, дел од светското семејство на развиени и прогресивни демократии.

Долг пат ѝ претстои на македонската држава во соочувањето и надминувањето на големите предизвици на национално, регионално и глобално ниво. Македонското општество сѐ уште се соочува со сериозни предизвици што ги носат национализмот и антизападните и антидемократските тенденции. И државата и општеството се исправени пред опасностите што ги предизвикуваат руската воена агресија врз Украина и заканата по светскиот мир, хибридните напади, како и последиците од глобалните здравствени, социо-политички, безбедносни и климатски предизвици.

Организацијата останува посветена на заложбите за понатамошно негување и унапредување на човековите права и слободи, промоцијата на европските и зелените вредности, поддршката на стратегиите за јакнење на мултикултурализмот, како и кон борбата против дезинформациите, пропагандата и другите облици на хибридни закани против мирот, слободата, плурализмот и демократијата во Република Северна Македонија.

Честит Ден на независноста!