Меѓународен ден на толеранцијата: ЦИВИЛ повикува на меѓусебно разбирање, почитување и мирољубив дијалог

На Меѓународниот ден на толеранцијата, ЦИВИЛ потсетува и повикува на јакнење на јавната свест за опасностите од нетолеранција, ги промовира универзалните човекови права и слободи, и почитувањето, прифаќањето и уважувањето на различноста. Исклучително важно е сите актери во општеството и во државата да покажат максимална волја и подготвеност за обединување на различностите независно од етничките, верските и расните разлики, политичките убедувања, социјалната положба и сексуалната ориентација.

ЦИВИЛ најостро го осудува говорот на омраза што се шири во јавната комуникација. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи дека под објавите на социјалните мрежи секојдневно се упатуваат грозни закани, повици на насилство и изрази со говор на омразата насочени кон организацијата и кон авторките и авторите на анализи и ставови на медиумската платформа на организацијата.

Како организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ, преку медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА и со секојдневното присуство на терен, во средби со граѓанките и граѓаните, политичките партии и граѓанските организации, упорно и постојано порачува дека говорот на омразата е опасен за демократијата и за човековите права и слободи.

Медиумската платформа на ЦИВИЛ е простор за изразување на слободната мисла, независно од каква било општествена или политичка ориентација или било каква припадност. Социјалните мрежи се просторот на кој граѓанките и граѓаните можат слободно да си ги искажат своите ставови околу одредена тема што е објавена на медиумските платформи на ЦИВИЛ. Но кога тоа се прави без основно почитување на различното мислење, со навреди, говор на омраза, клевети и нетолеранција кон различното, тоа е надвор од секаква конструктивна дебата и достоинствен дијалог.

Граѓанките и граѓаните се повикани да негуваат взаемна солидарност, почит и разбирање, да ги почитуваат различностите во секојдневната комуникација и во воспитувањето на младите генерации.

Образовните и културните институции, медиумите и граѓанското општество се меѓу најповиканите да спроведат програми за едукација на младите генерации за потребата од изградба на толерантно, инклузивно и мирољубиво општество во кое се почитуваат различностите како квалитет и предност.