Избирачкиот список е сериозен проблем. Фантомски гласачи, непостоечки влезови и станови во згради или цели згради, починати лица, разместени гласачи, се дел од проблемите со кои се соочуваат гласачите во Македонија, изјави Џабир Дерала од невладината Цивил на денешната прес-конференција.
Вкупно 86 пријави од граѓани стигнале до Цивил од почетокот на изборната кампања досега во врска со различни нерегуларности за изборите.
„Се обративме и ние, а веруваме и други релевантни организации до ДИК, а новинарите се обратија со прашања и до МВР. Добивме одговори дека не се компетентни или ја лоцираа одговорноста на други места. Затоа, ги повикуваме одговорните да се јават конечно и да дадат одговори на овие сериозни прашања“, велат од Цивил.
Досега Цивил утврди дека во три згради во Кисела Вода се додадени влезови во зградите, кои постојат во избирачкиот список, а ги нема на теренот. Таква е ситуацијата со згради на улиците Пушкинова и Михаил Чаков. Постојат и фантомски семејства кои се водат на извесни адреси во Кисела Вода, а не живеат таму – во еден од овие станови живее четиричлено семејство, но во избирачкиот список заведени се како седуммина. Жителите веќе изјавија дека прв пат слушаат дека и друго семејство е впишано во избирачкиот список дека живее во нивниот стан. Цивил располага и со снимка во која граѓанин сведочи како му бил нуден поткуп од 500 денари за да гласа за извесен претседателски кандидат.
Цивил апелираше до ДИК да стори се што е во нејзина моќ да го зајакне квалитетот на работата на избирачките одбори и на општинските изборни комисии, како и да реагира побрзо и поквалитетно на поплаките од граѓаните на денот на гласањето.
„Институциите се партизирани во потполност и се злоупотребуваат за партиски цели. Човечките и материјалните ресурси во целост се ставени во функција на политичките кампањи во изборниот процес. Административците работат во полза на партиската кампања, а не според описот на нивните работни задачи. Лица со договор за дело прават списоци и не само тие“, изјави Дерала.
Во вториот круг од претседателските избори и на денот на вонредните парламентарни избори Цивил ќе го следи со 116 набљудувачи. Граѓаните ќе можат да пријавуваат нерегуларности на веб-страницата Слободни избори и на телефонските броеви 02/5209-176 и 075/707-143.
На денот на гласањето, 27 април, Цивил - Центар за слобода ќе има отворен прес центар во ГЕМ клуб кој ќе работи од 7 часот наутро, па сѐ до полноќ. Прес конференциите се закажани во термините 12, 14, 16, 18, 22 и 24 часот, додека од 19 часот предвидена е панел дискусија со поканети гости, експерти од различни области.
Meri Jordanovska