По реакцијата на повеќемина затвореници од штипскиот затвор, кои реагираа дека им е нуден поткуп за да гласаат, екипата на Цивил се обрати до народниот правобранител Иџет Мемети.
Еве како течеше нашиот разговор со Мемети:
ЦИВИЛ: Господине Мемети, во врска со реакцијата на осудените лица во штипскиот затвор, дали ќе реагирате, со оглед на тоа што лицата тврдат дека им е нуден поткуп за да гласаат за одредена партија и претседателски кандидат?
МЕМЕТИ: Ти ништо не разбираш! Јас ги штитам човековите права. Видов дека вашиот набљудувач не бил пуштен и нормално што не бил пуштен...
ЦИВИЛ: Не се јавуваме во врска со набљудувачот, туку во врска со осудените лица...
МЕМЕТИ: Добро, и што сакаш сега?
ЦИВИЛ: Дали ќе реагирате, дали ќе одите во штипскиот затвор да ги проверите овие тврдења?
МЕМЕТИ: Кој сака, нека се јави на нашата отворена телефонска линија и нека пријави неправилности. Ете така. Ајде пријатно сега.
Цивил веќе објави дека дел од затворениците од штипскиот затвор биле поткупувани да гласаат за одредена политичка партија, а како награда добивале сапун, две обланди и по два брича. До Цивил стигнаа и информации дека на затворениците им биле нудени и пари, а дел ги немало на избирачкиот список.
Мери Јордановска