Куќата на семејството Зеќири во скопско Радишани е нападнато со две бомби и со огнено оружје синоќа, малку пред полноќ. Сопственикот на куќата, Фаик Зеќири изјави дека ова што им се случува е тероризам.
Тој истакна дека неговото семејство седум пати било нападнато и никој не презел ништо за тоа. Фаик вели дека синоќешниот напад предизвикал трауми кај децата и мајка му. Екипата на Цивил го посети ова семејство и го почувствува стравот и нивната тажна состојба.
„Дел од моето семејство се отсели, избега поради насилството. Веќе десет дена се во Германија. Моите деца не се тука. Подобро што не се тука бидејќи се трауматизирани. И да сакаме да живееме тука, децата не сакаат. Децата треба да ги отстраниме, каде што рекол Господ. Јас лично нема да се исселам, се додека не го најдам тој што го прави ова“, рече Зеќири.
Мајка му на Фаик, Шерифе Зеќири, е во тешка здравствена состојба. Таа за неколку секунди се спасила од експлозијата. Бомбата експлодирала откако таа излегла од тоалет. Таа е загржена за децата и за нивната иднина.
„Бев во тоалет за да ги испијам лековите и за малку бомбата ќе ме оставеше на место. Уплашени сме, децата не можеме да ги пуштиме ниту во продавница, не можат да одат ни на училиште.“
Другиот член на семејството, Фехми Зеќири, вели дека ова што се случува е трагедија.
„Се чувствуваме многу лошо. Ова не се случува по прв пат, ова можеше да стане уште поголемо. Планирале да биде поголемо, ги координирале бомбите, едната ја фрлиле во дворот на куќата, другата во тоалет. Не знам што да кажам, одиме по болници наваму-натаму“, вели Зеќири.
Разговаравме и со негова сосетка. Таа вели дека соживотот во Радишани е добар. Додава дека секогаш во текот на избори работите се менуваат.
„Сметам дека секогаш кога има избори, секаде се менуваат работите за некоја нијанса. Мислам дека овие мали случувања не се опасни и не може да бидат причина за криза. Мислам дека тука има соживот и добро се живее, тука живеат граѓани од различни националности“, вели нивната сосетка.
Семејството Зеќири беше жртва на уште еден напад во текот на ноќта на 13 април, кога се славеше резултатот од гласањето тој ден, во првиот круг од претседателските избори. Една група партиски поддржувачи, по обзнанувањето дека нивниот кандидат победил во првиот круг од претседателските избори, излегле по улиците низ населбата и напаѓале недолжни лица, кои не се поддржувачи на нивната партија.
До сега, не е фатен ниту еден од авторите на нападите на ова семејство.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи излезе со соопштение, во кое се вели: На 11.05.2014, во Скопје, на улица Радишанска, непознат сторител фрлил две бомби кон кровот од куќата сопственост на Р. З. (48). Едната бомба експлодирала, по што било направено оштетување на кровната конструкција од куќата додека другата била деактивирана од страна на Единицата за антитероризам. Нема повредени лица и се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Арбана Ќерими
Оваа вест е достапна и на: Albanian